„Едвај дишев од Ковид-19, ова не му го посакувам и на најголемиот душман“

Loading...

Фаусто Русо (38) е италијански кондициски тренер, кој работел во нисколигашот Атлетико Терме Фуиџи, човек кој во животот нема запалено дрога, алкохол речиси и да не пие многу, живее спортски… Што би се рекло, отпорен на секаков вирус, плус не е во ризична група, но… Од Ковид-19 заглави на интензивна нега.
Ова е неговото сведоштво за тоа како ги преживеал деновите откако го закачил опасниот вирус, кој во Италија толку силно експлодира, што преку 7.000 луѓе ги загубија животите од епидемијата на Ковид-19. За германската агенција „ДПА“ од болнички кревет, сега во многу подобра општа состојба, Русо ја опиша битката со коронавирусот. Згрижен е во болница во Латина, 70 километри југоисточно од Рим.


Сè почнало на 5 март, пред три недели кога практично за пет минути состојбата се сменила. На работа бил супер, а само што дошол дома – температура 38.
„Се јавив кај лекар и веднаш ми препиша парацетамол. Но, како што одминуваа деновите, температурата не се спушташе, а секој ден имав сè поголема потешкотија со дишењето. И така сè до саботата вечер, кога имав сериозна респираторна криза. Тогаш сфатив дека ова не е само грип. Сè ме болеше, тешко дишев…“, вели Русо.
Во неделата дошла брза помош по него, некаде околу 14 часот, а медицинскиот персонал во скафандери дошле за да го земат и да го однесат во болница.
„Види, дојдоа војниците од ‘војна на ѕвездите’ и сега татко ти ќе го претворат во суперхерој“, му рекла сопругата на Русо на својот помлад син за да го утеши, кој бил расплакан кога ги видел лекарите.
„Ова е нешто најлошо што сум го искусил во животот. Јас вакво нешто, овој Ковид-19 не му го посакувам ни на најголемиот душман“, посочува кондицискиот тренер.
Иако барем досега како малку ризични се луѓе до 39 години, а посебно тие што немаат здравствени и хронични проблеми, Русо потенцира дека вирусот не е наивен и не смее да се потцени. Вели не пијам, не пушам, спортски живот водам, но силно ме турна – Ковид-19.
„Не верувајте во тоа што ви велат, дека вирусот ги погодува само старите и ранливите категории. Точно е дека постар човек кој би имал клиничка слика како мијата со тешка пневмонија, веројатно сигурно сега немаше да биде тука и веројатно тоа е само една разлика. Сакам да кажам дека вирусот е опасен и за здравите. Јас имав силна психичка и физичка сила за да се изборам со сето ова“, додава Русо.
Во првата недела откако бил хоспитализиран, веднаш бил ставен на респиратор, зашто не можел нормално да дише, а не можел ни од кревет да стане, па имал и катетар. Откако состојбата се стабилизирала, се согласил да пробаат експериментално да го лечат со лек за артритис и состојбата му се подобрила за 60-70 отсто.
„Сега сум надвор од опасност и во фаза на закрепнување“, додава Русо. „Затоа ги молам сите да си седат дома, зашто неверојатно е како се шири вирусот. Има заразени кои не ни знаат дека се заразени“, потенцира тој.

loading...