Еден ден ќе се вратам во Македонија

Поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во првото интервју по бегството и политичкиот азил кој го доби во Унгарија, за Сител ТВ вели дека од Македонија се упатил во Албанија, но не ги откри деталите за неговото движење.
Од Македонија заминав во Албанија. Се пријавив во унгарската амбасада во Тирана, каде што побарав политички азил, а оттаму дојдов во Унгарија. Заради безбедности причини, тие одлучија да бидам транспортиран на начинот на кој и се изведе тоа. Од актуелната влада велат дека ќе ги откријат сите детали околу бегството, па да оставиме на нив да го сторат она што го ветуваат, одговара Груевски на едно од прашањата во интервјуто, во кое додава дека никој од власта не му помогнал.
Груевски вели дека иако во Македонија се шпекулираше дека престојува во скап хотел, за кој дневно плаќа по стотици евра, во многу поскромен хотел престојувал првите неколку дена, а потоа се сместил кај пријатели и живее кај нив.
Тој исто така на даденото прашање одговори дека откако е таму, немал средба со премиерот Виктор Орбан.

Наспроти шпекулациите дека во Унгарија престојувам во луксузен хотел во кој плаќам огромни суми за престој, можам да кажам дека само првите еден – два дена бев во хотел и тоа далеку од таков луксузен за каков се шпекулираше. Потоа ми беше помогнато од мои пријатели и на тој начин го решив ова прашање, односно престојувам кај нив, изјави поранешниот премиер на Македонија.
Во Унгарија има чести посети од Македонци, сопартијци, но не и од членови на врвот на партијата или пак од некој од власта
Тука во Унгарија имам многу посети од пријатели од Македонија. Не сум имал посети од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но од многу други мои пријатели имам чести посети тука, изјави поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски.
Најпрво бев со намера доколку власта оди до крај, да влезам во затвор, иако неправедно, со тотално луди пресуди. Но, во последните денови добив информации за моја можна ликвидација во затворот. Не веднаш, но за некое време. Конечната одлука беше на самиот крај, одговори експремиерот, Никола Груевски.
Тој дополни дека информациите кои ги добил за плановите за негова ликвидација биле од лица од затворот кои се добро информирани.
Апсолутно имам намера еден ден да се вратам во Македонија. Тука сум за да се засолнам од политичкиот прогон откако увидов дека сите апсурди се надминати и дека властите имаат намера да одат до крај. Јас во Македонија бев осуден за работи за кои во други земји членки на ЕУ, судски случаи воопшто не би ни биле покренати, изјави поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски во своето прво интервју по бегството и политичкиот азил кој го доби во Унгарија за ТВ Сител.