Откако лани одржа два концерта во ВИП Арената „Борис Трајковски“, Здравко Чолиќ на 15 јуни се враќа на местото кое што повеќе пати го има наполнето, Градскиот стадион или „Национална арена Филип втори“.
„Не сум пеел на скопскиот стадион повеќе од 15 години, и особено му се радувам на концертот во јуни, особено сега, откако е реновиран. Како голем љубител на фудбалот, убаво е што повторно се враќам на стадионот на „Вардар“, каде што се имаат одиграно многу важни натпревари. Мило ми е што токму Скопје ми ја даде оваа убава шанса да се дружиме по трет пат за неполна година“, ни изјави Здравко Чолиќ, кој на 10 и на 17 ноември лани имаше два преполни конецрти во ВИП Арената. Ги организираше продукцијата „Прагма“, кои се организатори и на концертот во јуни.
Во ноември лани, Здравко одржа два преполни концерти во Скопје
„Очекувам публика од сите генераци“, додаде Чола, кој последниот концерт на Стадион го одржа во 2002 година. Тогаш, специјален гостин му беше Тоше Проески, а во свој стил нарекувајќи го „бајадера“, го најави актерката Весна Бејби Петрушевска.
Во претходно интервју за Женски магазин, Чола раскажа како наместо голман станал пејач и за физиката активност која го одржува во форма.
-Рекреативно ретко играм фудбал, рекреацијата сега ми е врзана повеќе за некое трчање, пливање, прошетка. Она што ми останало во сеќавање се малите турнири, градската фудбалска лига во мал фудбал во Сараево која беше многу темпераментна, ажурна и страстна. Таму бевме членови на фудбалскиот клуб „Грбавица 1“. Јас бев на голот, а фудбалерите беа многу познати играчи на „Жељо“ од Сараево или познати играчи, за тие натпревари често раскажувам. Кога татко ми ми ја купи гитарата од далечен роднина кој ги изработуваше, кај нас дома, на наговарање на татко ми, три пати во неделата кај нас дома доаѓаше чичко Иван Бариќ, мојот професор по ноти и по гитара. Тој беше Далматинец кој првиот ја забележа мојата енергија. Беше тоа постојана борба помеѓу фудбалот и свирењето гитара, додека, во еден момент, кога требаше да се игра важен натпревар, јас ги оставив ракавиците и заминав кај чичко Иван на час по гитара“, раскажа најголемата балканска поп-ѕвезда.
За Здравко, родителството е сериозна улога, а тој вели дека сепак не е строг татко. Постарата ќерка Уна на есен ќе стане полнолетна, а помалата, Лара во август ќе наполни 13 години.
„ Ќерките се добро, сѐ уште на училиште, и во период сме на училишни обврски, со кои сопругата повеќе се занимава отколку јас. Тинејџерки се, но ограничувањата мора да се знаат. Јас сум малку попопустлив, но жената е секогаш столб на куќата, така било некогаш, така ќе биде и сега. Не сум строг родител и тоа ми е единствен проблем. Денеска средината повеќе влијае на децата и младината отколку на домот. Ако сега поставите исправна граница, еден ден децата ќе ви бидат благодарни“, раскажа Здравко за своето семејство. Во 2001 година, тој се ожени со Александра, која е професорка по географија.
„ Се запознавме одамна, во Макарска. Александра студираше во Белград, продолживме да се гледаме, а подоцна започнавме и врска. Таа ме освои со својата едноставност и приврзаност“, изјави Здравко за сопругата.