Европската комисија планира да собере 800 милијарди евра за обновување на вооружувањето, вклучувајќи нов фонд од 150 милијарди евра и привремено ослободување на одредени одбранбени инвестиции од строгите фискални ограничувања на Унијата.
Планот треба да биде претставен денес пред членките на ЕУ, со намера да се одговори на сегашните закани од Русија и други агресивни актери, објави германскиот ДПА, кој имал увид во нацрт-документот.
Во нацртот наречен „Бела книга за иднината на европската одбрана“, се наведуваат седум приоритети за подобрување на воените капацитети, како што се противвоздушна и противракетна одбрана, беспилотни системи и електронско војување. Се подвлекува дека Европа треба да биде подготвена за воена акција за да ја превенира.
Документот опишува дека Русија економски се насочува кон воени цели, продолжувајќи со акциите во Украина и подготвувајќи се за идни конфликти со европските демократии.
Иако првичната верзија на нацрт-документот споменувала и зависност од САД, сега некои членки на Комисијата го уредиле документот за да ги отстранат експлицитните делови за САД. Претходно се предупредувало дека САД можат да ограничат или укинат клучни воени компоненти, но во финалната верзија тоа е изоставено.
Решението за оваа зависност е заедничко европско развивање на воени капацитети преку соработка во одбранбени проекти.
Пронајдете не на следниве мрежи: