ЕУ денеска нема да донесе одлука за преговарачката рамка со Македонија

Loading...

На денешниот состанок е речиси извесно дека Бугарија ќе ја блокира преговарачката рамка за Македонија поради билатералните несогласувања, додека од страна на германското претседателство, со помош на Европската kомисија, сѐ уште се водат напори за надминување на разликите до крајот на оваа година.
Од Советот се минимизира фактот што нема да се донесе одлука денеска упатувајќи на фактот дека состанокот не е физички, како и мартовскиот министерски состанок на кој се донесе одлуката за отпочнување на преговорите со Скопје и Тирана беше виртуелен, што само малку го одложи процесот поради бирократските процедури, но не го спречи носењето на одлуката.
Дипломатите во Брисел се свесни дека Софија засега нема намера да попушти за барањето да се вметне билатералниот спор во ЕУ процесот со Македонија, барање кое е неприфатливо за другите земји членки на ЕУ.
Во новата методологија на Европската Унија за пристапните преговори со земјите кандидати поглавјето 35 се брише. Претходно ова поглавје постоеше како опција за „други прашања“, односно политики кои не се предвидени во ниедно друго поглавје. Најистакнат пример е тој со Србија за која поглавјето 35 е посветено на односите со Косово, и за кое ЕУ има мандат од Советот за безбедност на Обединетите Нации, како безбедносно прашање. Бугарско-македонскиот спор не се смета за безбедносен во ниту една меѓународна организација.
Во случајот со Белград, и поради сензитивноста на косовското прашање, поглавјето 35 има иста тежина како поглавјата 23 и 24 (правда и судство) и има моќ да го блокира, суспендира, или врати назад целиот процес на интеграција на Србија во ЕУ. Токму тоа, според дипломатите со кои разговараше МИА, го бара и Бугарија за Македонија, што би довело до „билатерализација“ на процесот на проширување со Скопје, нешто што е спротивно на принципите на ЕУ.
За дипломатите од земјите членки на ЕУ ова може да биде „опасен преседан“ за останатите земји кандидати на западниот Балкан, но исто така ја потврдува тезата на најскептичните земји дека проширувањето кон источноевропските земји се случило прерано и дека треба да се стопира.
Со ова Бугарија би можела да им направи „голема противуслуга на сите земји од регионот“ коментираат од земјите членки на Унијата.


„Оваа политика на условување на Бугарија се плашам дека само ќе ги зајакне резервите на скептичните земји членки на ЕУ кон проширувањето и ќе се искористи како потврда за тезата дека прерано ја примивме Бугарија и дека сега ја плаќаме цената за тоа“, објасни искусен ЕУ дипломат.
Инсистирањето на Софија да ја блокира Македонија „непринципиелно“, велат дипломатите, „може да има далекусежни последици“ и ретко кој во ЕУ ја разбира бугарската позиција, посебно со оглед на тоа дека станува збор за историски прашања за кои дипломатите не се стручни, ниту со кои се занимаваат.
Прашање денеска е како ќе се постават другите земји членки кон нивниот сојузник Бугарија. Бројни дипломати во ЕУ не очекуваат голем притисок врз Софија засега поради претстојните избори во март.
Истовремено денеска се преговара и за повеќегодишната буџетска рамка на Европската Унија, како и пакетот за економско закрепнување. Извесно е дека Унгарија и Полска ќе го блокираат делот од буџетот посветен на сопствените средства на ЕУ, со што се доведува во ризик целата ЕУ во време на криза.

loading...