Заради неисплатени плати му го запалил џипот на газдата, а него го полеал со бензин

Loading...

Поранешен вработен во скопска фирма од Кисела Вода вчера му го запалил џипот, а потоа со бензин го полеал и газдата. Џипот бил паркиран пред фирмата, па вработените веднаш притрчале и го изгаснале опожарениот автомобил. Газдата останал полеан со бензин, а поранешниот вработен не посегнал да го запали и него откако другите вработени се симнале на паркингот да го гаснат пожарот.
Случајот во полиција го пријавил газдата на фирмата, а во пријавата навел дека поранешниот вработен бил револтиран затоа што не му биле исплатени неколку плати. Откако го запалил џипот и го полеал со бензин газдата, поранешниот вработен воопшто не се обидел да побегне, туку мирно чекал да дојде полиција.
– На 3.9.2019 во 13.43 часот во СВР Скопје, И.И. (51) од Скопје, сопственик на фирма на булеварот Србија, пријавил дека поранешен вработен во фирмата, Љ.С. (56) од Скопје, со бензин го полеал неговото патничко возило ‘бмв икс 6’, кое било паркирано на паркингот на фирмата и го запалил. Причина за тоа, според пријавеното, се неколку неисплатени плати кон Љ.С.. Огнот го изгаснале вработените, а Љ.С. бил приведен во полициска станица за расчистување на случајот, информира МВР.

 

loading...