За новата Американска амбасадорка Анџела Агелер изборот на Абази е незадоволителен

Американската амбасадорка Анџела Агелер го критикуваше изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во писмен одговор на прашања за редакцијата на „360 степени“ да даде став за целиот процес, таа изразува отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.

За новата Американска амбасадорка Анџела Агелер изборот на Абази е незадоволителен

Амбасадорката и Амбасадата, се вели во писмениот одговор до „360 степени“, очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, пак, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.

-Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, одговори амбасадорката на САД во земјава, Агелер, на прашањето на „360 степени“.

На истото прашање на редакцијата до холандската Амбасада во земјава, се вели дека „за Холандија, владеењето на правото е од огромно значење и внимателно ги следиме сите случувања во правосудниот сектор во Северна Македонија“.

-Во февруари 2020 година, во последен момент, пред парламентот да се самораспушти на подолг период, со закон овозможи гонење на случаите на корупција на високо ниво што беа под СЈО. Овој поединечен настан ѝ овозможи на Холандија да се согласи да започне процедура за пристапување во ЕУ за Северна Македонија во март 2020 година. Затоа, работата на Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и како тоа постапува со сите случаи на организиран криминал и корупција на високо ниво ќе продолжи да биде под лупа од Холандија“, одговорија од Амбасадата на Кралството Холандија на прашањата на „360 степени“.

Од Делегацијата на ЕУ во земјава, пак, на истото прашање на редакцијата нагласуваат дека „очекуваат новиот шеф на ОЈО за ГОКК да работи посветено и во дух на независност и дека борбата против корупцијата ќе биде под детален надзор на ЕУ“.

Обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, беше избран за шеф на ОЈО за ГОКК на 7 ноември, откако тој доби највеќе гласови од своите колеги, вкупно 66. Неговата колешка од Вишото обвинителство – Гостивар, Деса Пауновска доби најмалку гласови, односно 10, Ермон Незири од скопското обвинителство доби 64 гласови, додека Вилма Русковска која исто така се кандидираше освои 14 гласови.

Согласно Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаа сите јавни обвинители во земјата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.