Зеленски: Стратешкиот пораз на Русија е веќе очигледен за целиот свет

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и дека двете страни мора да постигнат договор, но без ултиматуми.

„Украина никогаш нема да го признае Крим како дел од Русија. Крим отсекогаш имал своја автономија и свој парламент, но во рамките на државата Украина“, изјави шефот на украинската држава во интервју за италијанската државна телевизија РАИ.

„Сакаме руската армија да ја напушти нашата земја, ние не сме на руска почва“, рече Зеленски, додавајќи: „Нема да го спасиме имиџот на Путин плаќајќи со нашата територија. Тоа би било неправедно“. „Треба да размислуваме за иднината на Русија. Јас како претседател на Украина велам дека тоа се нашите соседи. Ќе има и други претседатели и други генерации во Русија“, рече тој.

„Стратешкиот пораз на Русија е веќе очигледен за целиот свет, дури и за оние кои продолжуваат да одржуваат контакт со земјата. Русија едноставно нема храброст да го каже тоа. Тие се кукавици. Тие се обидуваат да ја сокријат вистината зад проектилите и Артилериски напади. Мораме да се бориме додека не ги постигнеме нашите цели во оваа војна – да ја ослободиме нашата земја, нашиот народ и да ја гарантираме нашата безбедност“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно обраќање.

Советот за човекови права на ОН одобри истрага за можни воени злосторства извршени од руската војска на украинска територија. Украинските власти започнаа истрага откако се појавија информации и снимки на кои се гледа како руски војници пукаат врз цивили.

Борбите продолжуваат во регионот на Харков. Критична е и ситуацијата во металуршкиот комплекс Азовстал во Мариупол. Според вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук, во моментов се подготвува патоказ за евакуација на украинските борци кои останале во централата.

Од почетокот на војната во февруари, Украина доби 5,4 милијарди долари од западните партнери. Нешто повеќе од 800 милиони се во форма на грантови. Ова го соопшти министерот за финансии на земјата. Во моментов воените расходи изнесуваат 8 милијарди и 300 милиони долари. И покрај тешкотиите, Украина е решена да го сервисира својот долг, додаде министерот.

Според ОН, од почетокот на руската инвазија, 6 милиони луѓе ја напуштиле Украина, а 8 милиони Украинци биле принудени да ги напуштат своите домови.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.