Зимски десерти: Виенска слатка кнедла со афион и џем од сливи

Станува збор за Germknödel – голема топка која наликува на кнедла од киснато тесто, наполнета со џем од сливи.
Традиционално, кнедлата се прелева со стопен путер и се посипува со мешавина од мелен афион и шеќер во прав, а секогаш се сервира топло.
Обидете се самите да го направите овој зимски сладок десерт, вашето непце ќе ви биде благодарно.
Што ви е потребно?
500 gr брашно (250 gr тип 400 + 250 gr тип 500)
15 gr сув квасец
50 gr шеќер
50 ml млеко
100 gr путер
2 јајца
Прстофат сол
150 gr џем од сливи
50 gr афион


Начин на подготовка:
1. Во мал подлабок сад помешајте го квасецот, лажичка шеќер, млако млеко и оставете го на топло да се подигне.
2. Просејте го брашното, додадете ги останатите состојки и додавајќи ја смесата со квасецот замесете тесто. Оставете го малку да „се одмори“.
3. Обликувајте го тестото како „колбас“ и исечете поголеми кнедли. Расукајте ја малку кнедлата, наполнете ја во средината со џем од сливи и добро затворете ја.
4. Затворениот дел поставете го надолу брз набрашнета површина и оставете тестото да кисне и да нарасне (околу третина од својата почетна големина).
5. Нараснатите кнедли ставете ги да се варат во врела посолена вода покриени со капак, околу 5-6 минути. Потоа свртете ги и варете уште 5 минути, а секој пат кога ги превртувате при варењето проверувајте со чачкалица дали се сварени. Кнедлите се готови кога чачкалицата ќе излезе сосема сува од кнедлата.
6. Поставете ја слатката кнедла на чинија, прелијте ја со стопениот путер и посипете со мешавина од шеќер во прав и мелен афион.

Loading...