ЗЛАТЕН ТОСТ СО АВОКАДО ОД ТРИ МИЛИОНИ ДОЛАРИ!

Loading...

На Неделата на уметност во Берлин, која заврши завчера, беше претставен најскапиот тост на светот – скулптура излиена во злато вредна дури три милиони долари!
Авторот на ова дело, Тим Бенгел, искористил вистински тост од авокадо како шаблон и направил 27 три -димензионални модели на одделни парчиња сендвич – пет кришки авокадо, пет кришки домат, десет листови рукола, пет прстени кромид и две половини печиво.
Потоа секое парче го излил во 18-каратно злато и повторно го составил во сендвич. Скулптурата тежи нешто повеќе од 11 килограми, а германската галерија „Ротер“, преку која се организира продажбата, дизајнираше кутија вредна 47.000 долари за овој златен тост.
Бенгел вели дека овој „тост е статусен симбол на милениумската генерација, што претставува богатство, фитнес, статус и здрав начин на живот“.
Тој го поврза своето уметничко дело со митот за кралот Миди, кој со допир претворал се во злато, за на крајот да умре од глад.
– Слично се случува и во денешниот турбо -капитализам, кој во својата алчност за профит уништува се – рече Бенгел, кој се прослави со своите ексцентрични перформанси.
За Берлинската недела на уметноста, пред две години, тој изгради градина во форма на череп од грмушки и надгробни споменици, а неговиот златен тост од Европа наскоро ќе отпатува во Соединетите држави, каде што ќе гостува на Неделата на уметност во Мајами.

loading...