Знаев дека на целта ќе излезам со кренати раце и насмевка: Марко Пејчиновски летово исплива 250 километри во Охридското Езеро

Марко Пејчиновски (16) на празникот Голема Богородица преплива 64 километри во Охридско Езеро и стана првиот што поминал толкава делница. Откако преплива скоро 22 часа во вода и стигна на целта на пристаништето во Охрид го пречекаа неколку стотина луѓе. Марко излезе со кренати раце и насмевка, оти успеа да ја оствари целта што си ја постави- во десет викенди да преплива 250 километри во езерото.

„Мислев дека ќе е дојдена само фамилијата да ме пречека. Се изненадив колку многу луѓе има. Веднаш дојдоа да се сликаат, да се гушнеме и не можам да лажам, ми беше убаво. Бев изморен и не можев да им обрнам внимание колку што сакав“, вели Марко во разговорот за „Репортер“.

Тој и пред три години проба да ги преплива овие 64 километри, но тогаш се откажа поради болки во ногата. Вниманието на јавноста првпат го привлече кога на 12 години пливаше од Св. Наум до Охрид на соло маратон. Пливаше со некроза на ногата, ретка болест поради која некогаш му е тешко да се движи и често трпи големи болки. Ни кажа дека плива само со рацете. Нозете не ги користи, па затоа и не се натпреварува на маратони.

Болеста му ја дијагностицираа во 2016 година, во веќе поодмината фаза, па затоа не можеле да направат ништо превентивно. Во меѓувреме, Марко направи две операции во Белград кој само ја намалиле болката.

„Некрозата е делумен прекин на циркулација на крвта, а кај Марко тоа е конкретно на левиот колк. Тој недостаток на крв предизвикува последици што се јавуваат со текот на времето. Крајно решение е да се стави вештачки колк, но дури кога ќе заврши фазата на раст, а Марко ќе има 20-21 година“, вели неговиот татко Тони, поранешен пливач.

Лани почина мајката на Марко. Веста ги најде затечени многумина. Марко вели дека токму неа ѝ посветил еден од своите подвизи.

„Додека пливав ми текнуваше на неа и тоа ми даваше екстра мотивација. Ми недостигаше додека ги пливав овие 250 километри летово“, вели тој.

Искрен е дека пливањето му е сè, а школото баш не му оди. Професорите, вели тој,  сепак имаат разбирање па го ослободуваат од часови за да оди на тренинг. Низ муабетот зборуваше и за брат му кој му е најголема поддршка, како се справува со болеста, зошто имал повеќе трема на „Златна бубамара’ отколку кога плива, но и како е да се биде во вода речиси 22 часа без престан, како се спремаше за подвигот и дали догодина наместо десет ќе плива уште повеќе делници… гледајте го видеото.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.