Зошто државата е против активистите да ги стерилизираат и вдомуваат бездомните животни?

АНИМА МУНДИ ИСПРАТИ СООПШТЕНИЕ: Должност ни е да ве информираме со низа постапки од страна на АХВ – основна институција која е законски надлежна да се бави со заштитата и благосостојбата на животните, дефинира мерки за намалување на бездомните животни во Македонија, комплетно загубила компас и се ставила во насока опструирање на активистите, оневозможувајќи активности преку кои со години – волонтерски – ги помагаме и спасуваме животните и и помагаме на државата во намалување на бројката бездомни животни.

Зошто државата е против активистите да ги стерилизираат и вдомуваат бездомните животни?

1. Периодов инспектори на АХВ одат по ветеринарни амбуланти и усно даваат забрани да ветеринарите извршат стерилизација и/или микрочипирање на бездомно куче, доколку им го донесе активист или граѓанин на оваа држава. Ветеринарите под притисок од инспекции и казни, не стерилизираат и не чипираат бездомни животни, иако тоа е единствениот начин за воспоставување на контрола на популацијата на бездомни животни, помогната од страна на граѓаните.

Бараме одговор веднаш, кој и согласно кој закон изигрува шериф, заплашува, спречува стерилизации кои ги плаќаме од сопствен џеб, оневозможува да чипираме/вдомуваме што е исклучиво во интерес на градот, граѓаните, државата; во интерес и на сите кои седат во институции, а ние им го одработуваме она за што се платени!

Се оди во насока да животните скапуваат, умираат пред наши очи, но да никој од граѓаните не смее да им помогне, стерилизира, ги вдоми.

Размислете, кој не сака да ги тргне животните од улица? Kому му одговара да има кучиња на улица?

Зошто државата има против активистите да ги стерилизираат и вдомуваат бездомните животни?

Бараме итно АХВ, директорот да се оградат и осудат јавно ваквите постапки со кои бескруполозно се крши закон и нанесува штета на животните, граѓаните, целата држава!

Сите инспектори кои злоупотребуваат работна позиција во иднина ќе ги посочуваме со име и презиме, јавно!

2. Мачењето и убивањето на животните евидентно не ги интересира инспекторите на АХВ, ги нема никаде кога пријавуваме дека поединци или институции плаќани од народни пари прекршуваат закони, убиваат животни или ги држат нехумано; но се подготвени во секое време 24/7 да влезат во приватни домови на активисти, кои пријавувале нерегуларности во работењето на АХВ и кои со години години наназад на своја добра волја го решаваат проблемот со бездомните животни, преку згрижување, лекување и вдомување на истите.

Информираме дека месецов инспектори од АХВ вршат инспекциски надзор во домови на активисти, предизвикуваат стрес на нивните фамилии под наводни анонимни пријави или лажни пријави од непостоечки здруженија.

Замислете, спасувате – од улица – бездомно куче или маче, го лекувате, згрижувате, плаќате со сопствени пари за секоја интервенција (која во нормална држава би била покриена од институциите), и за тоа ви се појавуваат инспектори од АХВ на врата, да ве проверат и да ве казнат!

Информирани се дал сте дома или во странство.

Доаѓаат еднаш, доаѓаат повторно.

Се обраќаме јавно и бараме официјален и јавен одговор од директорот на АХВ Николче Бабовски со кој памет, каква интенција, согласно која законска одредба и конкретно, по чии наредби се демнат активисти?

Само Анима Мунди за првиот квартал од 2022 година има испратено 17 пријави до ветеринарните инспектори за неодговорно сопствеништво, брутално мачење и малтретирање на животни, изгладнување, не пружање на нега и помош – ниту една е не е решена во корист на животното.

Обемна е низата злоупотреби и неправилности во работењето на АХВ, институција која наместо да биде клучна во надминувањето на проблемите со бездомните животни, се констатира како клучна за постоење на овој проблем!

Исклучувањето на граѓаните и нивниот доброволен ангажман и помош за доброто на животните е погубно за оваа средина каде токму граѓаните најмногу помагаат и континуирано, со сите расположиви ресурси придонесуваат бездомни животни да има помалку, со цел еден ден воопшто да нема.

Повеќе не гаиме илузии дека е нешто ненамерен превид или грешка – во постапките на АХВ гледаме злонамерно, наменско дејствување со цел да се обесхрабрат, уплашат и запрат активистите.

Зошто АХВ сака да има бездомни животни на улиците, кој и каква корист има од нивното страдање, размножување без контрола – тоа е темата со која во наредниве денови темелно ќе се позанимаваме.

https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=pfbid02xspkAtyxeduGVqxLDbj9jRovVtXYruW7EAxXxTye2V2hh6XAg1Pnsq7eAxK1fv9gl&id=166688476720732
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.