Зошто е штетна претераната заштитничка настроеност кон децата?

Ако сте родители сигурно знаете дека децата растат пребрзо иако не ви изгледа така. Уживате во заедничките моменти додека се мали, но кога ќе станат поголеми сфаќате дека тоа мало бебе кое до вчера носеше пелени веќе не е толку малку и станува човек. Децата мора да пораснат иако некогаш родителите не се целосно свесни за ова. Дали спаѓате во онаа категорија луѓе којашто премногу ги штити своите малечки не дозволувајќи им да ги сносат последиците за нивното однесување? Ако одговорот е потврден тогаш вистинско време е тоа да го поправите бидејќи со тоа не им правите никаква услуга.
Елен Роуз, авторка на неколку книги за воспитување деца, предупредува дека ако вашето дете е премногу заштитено, нема да ги исполнува обврските бидејќи вие секогаш го чувате неговиот грб, па тоа нема да научи да биде одговорно ниту ќе развие чувство за тоа што е важно во животот. Децата мора да ја видат вашата разочараност кога нема да направат нешто добро и важно е да знаат дека очекувате од нив тоа да го поправат.


„Многу родители не дозволуваат децата да пораснат. Не дозволуваат тие да преземат одговорност за нивното однесување и не учат што значи да се биде самостоен и да се има самоконтрола. Кога имате дете од 8 или 9 години со кое не можете да излезете на крај кога секогаш не е сè по негово и кога нема да го добие тоа што го сака, мора да разберете дека вие како родители сте виновни за тоа однесување“.
Претераната заштитничка настроеност од децата прави паразити кои потешко ќе се снаоѓаат во животот. Тие мора да научат да бидат самостојни и полни со самодоверба, а тоа ќе им ги овозможите преку љубов, грижа, топлина, нежност и внимание со кои треба да го градите вашиот однос. Авторитетот и пријателската насоченост треба да бидат во баланс. На децата треба да им дадете почит за да ве почитуваат, а кога ќе го прават тоа, ќе треба и да ве чувствуваат за доволно блиски за да можат да ви се отворат. Кога ќе ја тргнете настрана заштитничката настроеност тие ќе мора да научат сами да се грижат за себе.


Како родители вие најдобро знаете како да постапувате со вашите деца бидејќи вие ги познавате најдобро и со нив поминувате најмногу време. Секое дете има различен карактер и според тоа самите ќе треба да процените на каков начин ќе го воспитате. Бидејќи домашното воспитување е темелот за неговиот понатамошен развој бидете особено внимателни со сè што ќе изјавувате пред него, што му ветувате, дали криете нешто од него или сте целосно искрени, дали користите казни и награди, кои вредности ќе му ги пренесете. Секогаш имајте на ум дека од тоа мало дете кое до вчера било бебе вие треба да направите човек кој еден ден ќе го напушти вашиот дом и ќе почне да создава свое семејство.

Loading...