Зошто има малку зелени градби во Скопје?

Актуелната енергетска криза во Европа што особено ја погоди нашата земја којашто во вакви услови дополнително се соочи и со намалено производство на електрична енергија, што резултираше со зголемен увоз, на виделина го исфрли фактот дека во изминативе децении речиси воопшто не се водеше грижа за енергетиката. И тоа не само што не се градени нови енергетски објекти туку и многу малку досега се вложуваше во енергетската ефикасност во градежништвото, иако се знае дека таа носи огромни заштеди во потрошувачката на енергија.

Зелената градба инаку е светски тренд. Во 2019 година, ЕУ го усвои „Cleanenergy” пакетот којшто го воведува принципот – „прво енергетска ефикасност”. Овој принцип дополнително ја нагласува улогата на енергетската ефикасност на ниво на ЕУ. Македонија сериозно доцни во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор, како и во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност на национално и локално ниво.

Иако овој принцип е преточен во нашето законодавство, односно е вклучен во Стратегијата за енергетика на Македонија до 2040 година, како и во Националниот план за енергија и клима, сепак реализацијата заостанува. Во новоградбите во Македонија, особено во Скопје, се вградуваат енергетски ефикасни материјали, но земјава е на самиот почеток на практикување на зелената градба. Основна причина за тоа е што во старт зелената градба чини околу 5% поскапо од стандардната, но самата инвестиција се враќа веќе во првата година бидејќи заштедата на електрична енергија кај зелените градби, односно енергетски ефикасните е околу 30 проценти, а на вода околу 40 проценти на годишно ниво.

Концептот на зелената градба е од огромно значење не само за градежниот сектор, туку и за секој граѓанин, бидејќи значително го подобрува квалитетот на живот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот, како и на животната средина. Зелената или т.н. одржлива градба, се однесува на структура и употреба на процес кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен во текот на целиот животен циклус на една зграда, од дизајн, изградба, работење, одржување, реновирање, како и уривање. Зелената градба вклучува изнаоѓање баланс помеѓу градењето и одржливата енергија, што пак бара соработка меѓу архитектите, инженерите и клиентот во сите фази на проектот.

Заштитата на животната средина не треба да биде ограничена од економската и социјалната развиеност.­ Постојниот дел на потрошувачката на енергија во градежниот сектор опфаќа 39 проценти од севкупната потрошувачка на електрична енергија, станбениот сектор користи приближно 80 проценти од енергијата потребна за објектите, а објектите дополнително користат 69 проценти електрична енергија и 40 проценти од топлинската енергија за која со комбинирано производство се емитираат приближно 71 процент од годишните емисии на CO. Тоа значи дека енергетските трошоци заземаат огромен дел од националните и локалните буџети.

Со имплементирање мерки за енергетска ефикасност, може значително да се намали потрошувачката на енергија и трошоците за енергенси, како и да се подобрат внатрешните услови во објектите што само укажува колку е потребно конечно да се свртиме кон зелената градба и енергетската ефикасност.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.