Зошто сексот за една вечер лошо влијае на жените?

Во денешните модерни времиња, општеството сака да верува дека сексот за една вечер е нешто што самоуверените и еманципирани жени го прават. Меѓутоа, тоа не е секогаш така. Многу експерти и терапевти велат дека многу нивни пациентки утрото по авантурата се будат со чувството на осаменост.
Бидете искрени кон себе – сексот никогаш нема да го замени она што ви е навистина потребно.
Додека пиете, таквата авантура делува како добра идеја: забавно е, спонтано е, секси е. Меѓутоа, поврзаноста којашто ја чувствувате со партнерот во текот на занесот брзо ќе исчезне и набргу ќе мора да се вратите во реалноста. А тогаш сосема е можно и да се покаете.
Причината за тоа што во вашата глава вие го поврзувате сексот со интимност и поврзаност на повеќе нивоа и се надевате дека ќе го добиете тоа преку секс. Но, бидејќи тоа не се случува, наместо исполнетост, останувате разочарани.


Површно гледано, сексот за една вечер е нешто сосема безопасно, никој нема да биде повреден, затоа што чинот трае кратко и никој никого нема да остави. Меѓутоа она што многумина жени не сакаат да си го признаат самите на себе е дека потајно сакаат многу повеќе од само секс (особено ако партнерот навистина им се допаѓа), а тоа може да предизвика чувство на осаменост, па и фрустрации.
За разлика од мажите, биологијата по ова прашање не им е наклонета на жените – окситоцинот прави жените овој вид на блискост да го поврзуваат со нешто подлабоко, нешто што го отежнува одвојувањето на емоциите од сексуалниот однос. А според едно истражување, мажите и жените имаат наклонетост да ги оценуваат промискуитетните жени со негативни оцени, а тоа го создава општествениот притисок поради кој жените потешко се соочуваат со последиците од секс за една вечер.


Но, тоа не мора да се однесува на сите жени. Како тогаш ќе знаете дали на правилен и здрав начин му пристапувате на сексот за една вечер или повторно ќе завршите со скршено срце? Ако и двајцата сте свесни за она што се случува, двајцата ги имате истите очекувања, ако не се обидувате да пополните некаква празнина, ако цело време се чувствувате сигурно, не ве гризе совеста и не се чувствувате лошо во врска со тоа што го правите, најверојатно нема да се покаете.
Меѓутоа, ако чувствувате анксиозност, тага, осаменост, непријатност, ако се чувствувате искористено или жалите во која било смисла, најдобро е да се повлечете и прво да научите како да ја прифатите самотијата, да се цените себеси и да уживате самите со себе.
Корисно е да го имате предвид и следното: иако стабилните врски носат поголем ризик за повредување и скршено срце, тие воедно носат и поголема награда – чувство на приврзаност и љубов.