Зошто шеќерот е највисок наутро?

Loading...

Вообичаено секој човек наутро има повисоки нивоа на глукоза, но кај дијабетичарите тие нивоа се значително повишени. Затоа кај нив често пати се јавува силна загриженост. Така, едно од почестите прашања поставувани од пациентите со дијабет е што е тоа што толку го подигнува шеќерот наутро, иако воопшто не сме ни доручкувале и како успешно да се исконтролира шеќерот во утринските часови?
Во продолжение ќе наведеме неколку можни причини и совети за справување со повишениот шеќер наутро.
Што предизвикува високо ниво на шеќер наутро?
За оваа дилема постојат 2 доста лесни и логични заклучоци: обемни оброци на база на јаглехидрати доцна навечер или несоодветно користење на препирашаната терапија.
Сепак, постојат и други ,,скриени” потенцијални предизвикувачи на високиот шеќер наутро: ,,зора” феноменот и Сомоџи ефектот. Тие се резултат на специфичните реакции или физиолошки промени кои се случуваат во телото додека спиете.
Што е ,,зора” феноменот?
Овој феномен е предизвикан од природните промени кои се случуваат во нашите тела во текот на спиењето.
Како што веќе рековме, кај сите луѓе шеќерот наутро е нешто повисок, но кај оние што не страдаат од дијабет, телото е во состојба да ја надмине ваквата ситуација, односно соодветно да ги исконтролира глукозните нивоа. За дијабетичарите, утринските шеќерни пикови можат да бидат и доста високи, па да биде неопходна консултација со лекар и терапија.
Вообичаено, телото има мали потреби од инсулин додека спиеме, па продуцира помалку од овој хормон кој има и повеќе други функции покрај регулирањето на глукозата во крвта. Во текот на утрото (и пред будењето, некаде од 5 часот до 8 часот наутро), телото почнува да создава глукоза од гликогенските резерви заради зголемените енергетски потреби што се јавуваат со будењето.
Во исто време, во организмот се синтетизираат и глукагон и кортизол, други два хормони кои водат до раст на шеќерот. Кортизолот има спротивна функција од онаа на инсулинот.


Значи, намалувањето на инсулинските нивоа и зголемувањето на другите 2 споменати хормони, води кон шеќерни пикови кај дијабетичарите. Дополнително, во ова допринесува и слабеењето на ефектот на медикаментите за дијабет со текот на времето (спиењето трае повеќе часови), особено ако не ги земате според добар распоред кој треба да биде договорен со вашиот лекар.
Кај здравите лица при ваквата ситуацијата се излачува дополнително количество инсулин кое ќе го ,,неутрализира” негативниот ефект од другите два хормони. Кај дијабетичарите за жал има инсулинска резистентност, односно намалена сензитивност на инсулин, што ја спречува неговата функција дури и кога е во поголеми концентрации во крвта. Повеќе за оваа појава, прочитајте тука.
Што е Сомоџи ефект?
Втората можна ,,скриена” причина за високите шеќерни нивоа наутро, која според одредени истражувања е поретка од ,,зора”ефектот е т.н. Сомоџи ефект (името го добива по докторот кој прв пишува за оваа теорија) или уште наречен повратна хипергликемија.
Ако не вечерате или имате превисок инсулин, можно е во текот на ноќта (додека спиете) шеќерот во крвта да се намали до доста ниско, опасно ниво.
Во таква ситуација, телото ќе излачи хормони кои ќе нè заштитат од опасно ниските глукозни нивоа. Овие хормони ќе делуваат на глукозните резерви од црниот дрб, но при оваа ситуација ќе се излачи нешто повеќе глукоза од вообичаено. За жал, кај лицата со дијабет овој след на настани воопшто не се одвива идеално, па црниот дроб ,,ослободува” повеќе шеќер отколку што е потребно, што секако води кон утрински повишени глукозни нивоа.
Како да знаете дали се работи за ,,зора” феноменот или Сомоџи ефектот?
За утврдување дали некој од овие ,,скриени” причинители значително го повишува шеќерот наутро, потребно е неколку вечери по ред да ги мерите глукозните нивоа помеѓу 2 и 3 часот после полноќ. Доколку шеќерот е постојано низок во овој период, веројатно се работи за Сомоџи ефектот, но доколку шеќерот е нормален, тогаш станува збор за ,,зора“ феноменот.
Дополнително, како индикатор за Сомоџи ефектот некогаш може да се јават и кошмари, обемно потење во текот на ноќта, немирен сон и будење без енергија (сите типични знаци за намалени нивоа на шеќер во крвта).
Како можеме да ги исконтролираме високите нивоа на шеќер кои се јавуваат наутро?
Кога заедно со докторот што ве следи ќе утврдите како се ,,движат” вашите шеќерни нивоа во текот на ноќта, тој/таа ќе ви даде соодветни совети како да го контролирате шеќерот наутро. Опциите кои стојат на располагање ќе зависат од причинителот за повишениот шеќер.

loading...
Loading...