Изгласани измените на законите за основно и средно образование

Loading...

Пратениците ги донесоа измените на законите за основно и за средно образование, во рамки на денешното продолжение на 12-та собраниска седница. За измените на законот за основно образование гласаше 61 пратеник, додека 28 беа воздржани. Измените на законот за средно образование, по скратена постапка, исто така ги поддржа 61 пратеник, еден беше против, а 25 беа воздржани.
Министерката за образование и наука Мила Царовска претходно ги образложи законите за основно и за средно образование, потсетувајќи дека за законот за основно образаование се дисутирало на комисијата. Таа смета дека сите одредби од предлог-законското решение и измената на законот за основно образование се јасни.


Царовска посочи дека учењето од далечина нема да се случува само во вонредни околности, туку дека ваквата платформа ќе биде корисна и за учениците и за наставниците, со осовременување на образовниот систем.
Министерката за образование остро реагираше на забелешките од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од опозицијата укажуваа на недостатоците во образованието, посочувајќи дека 40 илјади ученици немаат компјутери.
Измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование предвидуваат учебната година, во услови на вонредни околности, да може да започне и да заврши во различно време, за што треба да одлучи Владата. Како вонредни околности се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на Македонија или на нејзин дел.
За времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование исто така ќе одлучува Владата.
Во услови на вонредни околности се предвидува и училиштата да организираат воннаставни активности за учениците, за учество на кои наставникот треба да води само евиденција за присуството на учениците, и не се издава додаток на сведителство.
Кога наставата во основното училиште е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште. Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.

loading...