Излегува од печат новата книга на Игор Анѓелков насловена „Двојна експозиција“

Ве информираме дека утре (понеделник) од печат ќе излезе новата книга на Игор Анѓелков насловена „Двојна експозиција“, како 210-то издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. По неговата прва книжевна објава, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), авторот и’ се враќа на кусата прозна форма и ни „подарува“ дванаесет нови раскази поделени во шест целини, при што секоја од нив следи една животна фаза, од раѓањето кон смртта.

„Расказите од „Двојна експозиција“ се непретенциозни во пристапот, барем навидум во насока на кроткоста и обичноста на неговото писмо сфатени како врвен комплимент од блажеконески тип, без оглед на тоа дека нарацијата всушност често крие комплексни и повеќеслојни нијанси. Анѓелков со манир на зрел и искусен писател успева да ја вметне својата поента во израз доволно концизен за да се потврди како квалитет на краткиот расказ, но не претерано збиен, туку во прецизна мера натопен со описи и дигресии кои се освежувачки и додаваат текстура на напишаното без притоа да ја обременат основната наративна нишка. Тоа само го потврдува она што критиката го одбележа уште од почеток на неговата кариера, дека овој автор пишува „зрела проза, суверена во концептот, опстојна во реализацијата, со мерка натопенета во автобиографско и спонтано исушена од патос, од предозираност, од пренапишаност“, вели Ана Мартиноска во поговорот кон збирката раскази.

Како логично надоврзување на романот „Шрапнел“ (2020), кој Мартиноска во својот осврт го одреди како „генерациски роман, искрен до коска“, и во збирката раскази „Двојна експозизија“ ја препознаваме дихотомијата на личното кое се испреплетува со колективното, создавајќи ефектен впечаток на реалистични раскази, на приказни што се (како) извадени од стварноста, без разлика дали се автобиографски или не.

„Во фокусот на секоја од приказните лежи едно централно животно прашање, типично за возраста и биолошко-социолошката фаза на ликовите кои се портретираат. Нивниот спектар се движи од оние општоважечки мотиви, па сè до ултимативната дилема што останува по смртта. Немам двојба дека темите кои Анѓелков ги третира ја имаат примамлива моќ да ја заскокоткаат публиката и да не ја остават индиферентна, бидејќи иако не секогаш видливо на прв поглед, расказите на Анѓелков се ангажирани и отвораат актуелни и суштински прашања, како додатна вредност на новата македонска проза. Верувам дека тие ќе ги поттикнат читателите на длабокомислечки и себеспознајни моменти, што впрочем е ултимативната цел на добрата литература. Покрај естетското задоволство таа треба да понуди нова перспектива, да поттикне критичка мисла и, да го парафразирам Френсис Скот Фицџералд, да ни понуди утеха дека нашите копнежи се универзални, дека ние луѓето не сме осамени и изолирани едни од други, туку дека припаѓаме – на група истомисленици, добронамерници, сострадалници, вљубеници…“, поентира Мартиноска.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе две ипол децении активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, уметноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на www.herojnaedenden.mk.

Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, a потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013), кој беше финалист за „Рациновото признание“, и „Шрапнел“ (2020). Анѓелков зад себе има и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).

„Двојна експозиција“ е негова втора збирка раскази.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.