Поради Парадата на гордоста и маршот “Сведоштво за семејство“, кои ќе се одржат денес со почеток во 12 часот, сообраќајната полиција ќе го пренасочува сообраќајот на скопските улици.
Како што информираат од МВР, парадата ќе почне од Паркот на жената борец на улица “Димитрие Чуповски“, десно по “Васил Главинов“, по булеварот “ВМРО“ и по булеварот “Илинден“ до “Школка“ во Градскиот парк.
Во исто време ќе се одржи и маршот со назив “Сведоштво за семејство“. Маршот ќе почне од црквата “Св. Богородица“ на улицата “Филип Втори Македонски“, десно по улицата “11 Октомври“, улицата “Димитрие Чуповски“, улицата “Васил Главинов“, булеварот “Партизански одреди“ до Соборниот храм “Св. Климент Охридски“.
Поради одржување на овие два настана, сообраќајот ќе биде пренасочен по булеварот “Кочо Рацин“, улицата “Кирил и Методиј“, булеварот “Св. Климент Охридски“ и другите околни улици.
Од МВР апелираат сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.