Илјадници работни места висат на конец

Loading...

Додека партиите и пратениците размислуваат како да се надмудрат, додека се докажуваат меѓу себе, рестриктивните мерки, стигнаа побрзо од Петтиот економски пакет креиран токму поради продлабочувањето на здравствената криза, а кој требаше да им помогне на фирмите да можат да ги исплатат работниците, или, пак, да се задолжат во банка со државна гаранција за да го премостат овој катастрофален период. Досегашниот епилог е неисплатена февруарска плата за 16.888 вработени, принуден одмор за половина текстилни работници од Штип, неизвесност за 30.000 угостители и хотелиери.
Рестриктивните мерки што со право беа усвоени по препораката на Комисијата за заштита од заразни болести целосно, од денеска, ги затвораат кафулињата и рестораните, фитнес-клубови, спортски центри и сали за вежбањe, а обложувалниците може да работат само преку шалтер.
Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори бара итна финансиска помош за овој сектор. Според процените на Комората, без основни приходи ќе останат околу 30.000 граѓани што работат во овој сектор.
– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето нови рестриктивни мерки, кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа, итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите што поради одлуката за затворањето, ќе останат без какви било приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места – вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.
Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, пак, смета дека кафеаните не придонесуваат на зголемувањето на бројките на позитивни од ковид-19. Тој таа своја теза ја поткрепува со тоа што, иако во многу земји во регионот во изминатиов период кафеаните не работеле, болеста забрзано се ширела.
– Во ресторани на отворено нема да се шири заразата, но нивното затворање ќе предизвика групирање на млади во затворен простор – процени Јосифовски.
Спротивно на нашата политика за рестрикции, интересен факт е што Србија вчера почна да ги олабавува, па ги отвори рестораните, но само на терасите.


Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, ги смирува угостителите порачувајќи им преку Фејсбук дека ќе продолжат да креираат мерки за поддршка на секторот. Од Министерството, веднаш по објавениот „локдаун“ за угостителскиот сектор од 7 април до 20 април, излегоа со соопштение, во кое им препорачуваат на угостителите да не прават нови набавки на производи. Секако, ова само по себе значи дека од оваа одлука се засегнати и снабдувачите со храна на кафеаните и рестораните. А, овој синџир на поврзаност на фирмите индиректно стигнува и до продавниците за облека, козметичките салони, фризерниците. Не бадијала едно истражување за текстилните фабрики во Индија и во Пакистан покажа дека наспроти драстичното намалување на производството на облека, зголемена е продажбата на пижами.


Но, нашите текстилни компании не ги мачи домашната потрошувачка. Продажбата на облека е мака за трговците, а текстилните компании работат лон-производство, за странски пазари, главно за Германија, а и оваа земја веќе долго време е под клуч поради пандемијата. Оттука и неодамнешната изјава на претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, дека ако не се реализира Петтиот економски пакет, можно е 20 отсто од текстилните фирми да стават клуч на врата. Две недели по оваа негова изјава, лошата прогноза почна да се остварува. Над половина од штипските текстилни работници од завчера се на колективен одмор. Станува збор за 3.500 работници вработени во околу 70 конфекции.
Според податоците на Спа и велнес асоцијацијата, во салоните за здравје, вежбање, водена релаксација и убавина летово имаше дури 4.230 вработени во 936 правни субјекти, кои дури и кога официјално не се под клуч, во време на пандемија речиси и да не работат.

loading...
Loading...