И Франција се подготвува за евентуален прекин на испораките на руски гас

Франција се подготвува за евентуален прекин на испораките на руски гас

Француската Влада ќе го искористи летото за да се справи со евентуален целосен прекин на испораките на руски гас, што е „најверојатната опција“, изјави министерот за економија Бруно Ле Мер.

– Ова значи дека ја забрзуваме нашата енергетска независност, истакна тој.

Во денешното интервју за „Фигаро“, министерката за енергетска транзиција, Аниес Паниер-Рјунасе, забележува дека кабинетот мора да се подготви за најлошото сценарио, бидејќи во секој момент Русија може целосно да го прекине снабдувањето со гас. Таа прецизира дека поради овој ризик, снабдувањето со гас се диверзифицира со зголемување на капацитетот со проектот за пловечки терминал за метан во Ле Авр, а во исто време се забрзува складирањето на гас. Владата нареди националните складишта за гас да се наполнат до речиси 100 отсто до почетокот на есента.

Може да има тензија со снабдувањето со гас во зима, предупреди во саботата премиерката Елизабет Борн. Според неа, компанијата за електрична енергија ЕДФ планира да го зголеми производството на електрична енергија со постепено враќање во употреба на 12-те нуклеарни реактори (од вкупно 56) затворени заради одржување. Но, доколку има недостиг од струја, Владата за зима подготвува низа мерки за да им даде приоритет на домаќинствата и на некои индустриски сектори, додаде таа.

Можно е некои индустриски претпријатија да бидат принудени да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, па дури и да ја прекинат употребата на енергија на одредено време, прецизира Бруно Ле Мер.

Француската Влада создаде три работни групи за подобрување на заштедата на енергија во администрацијата, компаниите и институциите кои работат со граѓаните. Целта е да се подготви патоказ за намалување на потрошувачката на енергија за 10 проценти во рок од две години од 2019 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.