Ние го мислиме „голтар“, тој да ти бил милионер…
Владимир Ѓорчев, човекот за кој цела држава знае дека нема минута стаж во приватен сектор, станал мултимилионер. Добро знаете за кој се работи, но да повториме. Ѓорчев ја започнува својата „кариера“ како партиски портпарол (2001 -2004). Од 1997 година е член на Комисијата за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа време станува и соработник на поранешниот претседател Борис Трајковски, за во кампањата за претседателските избори 1999 година Ѓорчев да биде негов личен асистент. Од 2004 година Ѓорчев е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а подолг период ја извршуваше и функцијата меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Вечен пратеник, учесник во пет собраниски состави, повеќе од една деценија.
За првпат е избран за пратеник на изборите во 2006 година, а потоа следат уште четири мандати во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. Освен пратеничкиот мандат, немаше други функции во текот на едондецениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и не беше дел од ниту една влада предводена од Никола Груевски.
По 25 години во политиката, во во 2021 година Ѓорчев објави дека „ќе работи во приватен сектор“ .
„Здраво на сите. Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки. Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму“, напиша Ѓорчев на социјалната мрежа.
Дека „многу го бива и е многу успешен во приватниот сектор“ покажува и фактот што по три години повторно си се врати на државни јасли, како „национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси“ во владата на Мицкоски, иако во владата има посебно Министерство за социјална политика, демографија и млади со министер, заменик министер и нивните советници и кабинети, а премиерот веќе има еден советник за труд, социјална политика, демографија и млади, а тоа е професорот Лазар Јовевски.
Да го ѕирнеме имотот на Ѓорчев, кој според пријавеното вреди 51.517.393 ДЕНАРИ (педесет и еден милион петстотини и седумнаесет илјади триста деведесет и три денари).
Ѓорчев пријавил станбена куќа од 193 метри квадратни во Бардовци, која ја купил во 2012 година за 15.789.000 денари и е во негова сопственост. Во анкетниот лист стои и „друг недвижен имот“ од 761 метар квадратен за кој е ставено дека вреди НУЛА денари, стекнат во 2012 година со денационализација.
Ѓорчев има и стан во Кисела Вода од 105 квадрати во вредност од 9.539.000 денари, кој го стекнал како подарок и уште еден подарок, односно куќа во Гази Баба од 42 метри квадратни, во вредност од 2.583.000 денари. Исто така има и земјоделско земјиште во Трстеник со површина од 10.385 метри квадратни во вредност од 3.193.080 денари кое исто така му е подарено во 2022 година.
Само недвижниот имот на Ѓорчев, согласно овие податоци вреди 31.104.080 ДЕНАРИ.
Ѓорчев пријавил една сметка за плата, две сметки за заштеди во долари, една сметка за заштеда во евра и една за заштеда во денари, кои се негова лична сопственост. Неговата жена има сметка за заштеда во долари и сметка за заштеда во македонски денари, додека една сметка е заштеда на нивните деца. Ѓорчев не пријавил колкава сума на заштеда има, па претпоставувајте сами.
Ѓорчев пријавил и две возила, во вкупна вредност од 3.311.500 денари. Она што е најинтересно во целиот имотен лист се акциите кои ги поседува во познати светски компании, сите од нив стекнати во 2020, 2023 и 2024 година.
Ѓорчев има 74 акции со номинална вредност од 131,16 евра во „ЕРБАС“ Германија или вкупно 9.705,84 евра, потоа 480 акции со номинална вредност од 574,76 долари во „СТАНДАРД И ПУРС“ или вкупно 275.884,8 долари, 16 акции од 220,89 американски долари во „иСхарес РУССЕЛЛ 2000 ЕТФ“ или вкупно 3.534,24 долари. Овде станува интересно, Ѓорчев има акции и во „ВАНГАРД„ и тоа 10 акции со номинална вредност од 527,67 американски долари или вкупно 5276,7 долари, уште 12 акции во „ВАНГАРД“ со номинална вредност од 527,67 американски долари или вкупно 6.332,04 долари, односно во „ВАНГАРД“ има вкупно 11.608,74 долари.
Ѓорчев има акции и во „ОЦЦИДЕНТАЛ ПЕТРОЛЕУМ“ во САД и тоа 50 акции со номинална вредност од 51,54 долари или вкупно 2.577 долари.
Сите овие акции заедно вредат 16.862.614 ДЕНАРИ.
Конечно, Ѓорчев ги пријавил и платата од 112.279 денари од Влада и дивиденда од САД во износ од 126.920 денари.
Многу е нормално, прво да се постави прашањето како е стекнат овој имот и дали пратеничката и општо функционерската плата е доволна за, како што би рекол Мицкоски, „од голтар да станеш милионер“. Ѓорчев 25 години живее на грбот на македонските граѓани, каков придонес има за државата, оценете сами, а размислете и дали се сеќавате на нешто што тој направил и е од клучна важност за државата? Дали има поднесено некој клучен закон, донесено одлука која ја направила Македонија подобро место за живеење, или се сеќавате само на прес-конференциите на кои набројуваше во кои села победило ВМРО-ДПМНЕ?
Истиот Ѓорчев кој магично станал милионер, претходно зборуваше како македонските граѓани живееле во сиромаштија, а за тоа според него виновни биле од СДСМ. Епа сега „Влатче“ би требало да објасни како цел живот го проживеа на државни јасли, а во меѓувреме стана милионер.
Дека некој ќе го провери имотот на Ѓорчев, е речиси невозможно, иако самиот Мицкоски најавуваше закон за потекло на имот, но тоа во овој момент не би му одговарало нему и на неговите другарчиња. Сепак, се поставува прашањето дали Ѓорчев има и непријавен имот, што секако ќе треба да го истражат надлежните институции.
Епа народе ти скенирај фискални и купувај торти за 500 денари покачена пензија, слави еден денар намален леб, а „Влатче“ и останатите како него ќе ги „товарат магарињата“ од вашите пари…