Канадски бренд создава кожени чанти и паричници од лушпи од јаболка

Салима и Самара се две сестри кои денеска живеат и работат во Канада. „САМАРА“ е името на нивниот бренд кој создава мини чанти и паричници од веганска кожа. Салима го започнува брендот во декември 2017 година, како последица на тоа што никаде не можела да најде едноставна, елегантна чанта, а изработката да не вклучува злоупотреба на животни.
Го именува по нејзината сестра Самара, а двете ја водат компанијата во чест на нивната мајка која починала неколку месеци пред да започне компанијата да работи.


Денеска брендот произведува повеќе од 70.000 чанти годишно.
Инаку, Салима до полнолетство живее во Кенија, а пред да го основа брендот, го создава иновативниот производ „Соларен ранец“ за децата во Источна Африка. Се работи за ранец на кој има и соларен панел.


„Со оглед дека децата во текот на целиот ден ги носат ранците, тој ќе собира светлина, со што тие потоа ќе можат да ја работат домашната задача без керозин“, вели Салима.
Дел од профитот што модниот бренд го остварува оди токму за поддршка на оваа иновација, што вклучува и вработување на жени од Кенија за да го изработат.
Покрај овој ранец, нивното главно производство се сведува на чанти и паричници од таканаречена веганска кожа.


„Нашата цел е „САМАРА“ еден ден да изработува производи комплетно од растенија, да бидеме комплетно одржлив бренд. Почнавме со експериментирање со лушпа од кокос, од ананас и покрај тоа што успеавме да создадеме ткаенина, го немаше квалитетот што сакавме да го постигнеме. Но, имавме среќа што пробавме и со јаболка. Најмивме една мала фабрика во Европа, која ни изработува кожа од јаболка, поточно од лушпите од јаболка, по пат на рециклажа, и токму од тој материјал е изработена нашата чанта „Мини“.

Веруваме дека убавата мода не мора да биде по штета на природата. Нашата цел е да обезбедиме производи и материјали кои што се еко, одржливи и без било каква суровост кон животната средина. Не користиме дури ни ПВЦ, што се смета за вегански материјал“, објаснуваат сестрите на нивната веб страна.

Loading...