Кај Карпалак поставена нова спомен плоча

Денес кај месноста Карпалак е поставена нова спомен плоча со имињата на десетмината припадници на АРМ кои беа убиени на тоа место во 2001 година, информираат од Одборот на бранители. По вчерашното целосно уништување и отстранување претставници на Одборот, кој е заеднички орган на девет здруженија на бранители, денес ја поставиле плочата.
– Ние како Одбор апелираме на цивилизациско однесување и бараме да не се крши одново спомен плочата. Таа само сведочи за судбината на десет луѓе кои си ја вршеле нивната работна задача, изјави Марин Најдов, член на здружението на бранители “Достоинство” и на Одборот на бранители.
Случајот е пријавен во полицијата, а Најдов побара од надлежните да си ја вршат работата.
– До сега шест пати е уништувана плочата и секој пат е пријавувано во полиција, но никој не одговорал за стореното, изјави Најдов.