Киш е вистинско освежување на вашата трпеза

Питата „киш“ има потекло од Франција и всушност е солена пита од тесто со фил од сланина, шунка, краставичка, павлака и јајца.
Меѓутоа, секоја ваква пита може да се модифицира, па така може да ја направите со пилешко месо или пак брокула или со некои други состојки по ваш избор, а за прелив покрај јајца може да искористите и неутрална павлака за готвење.
Состојки:
– 200 грама брашно;
– 100 грама путер;
– малку сол;
– 70 милилитри вода;
– 100 грама сланина;
– 100 грама шунка;
– 100 грама кисели краставички;
– 4 јајца;
– 1 децилитар кисела павлака.


Подготовка:
Краставичките и шунката исечкајте ги на поситни коцки, а сланината на помали ливчиња. Во брашното додадете сол, па додадете ладен путер исечен на коцки. Со раце измешајте го тоа сето убаво додека не добиете тесто кое се рони низ прстите. Потоа додадете вода и замесете меко тесто.
Тестото развиете го во круг, малку поголем од пречникот на плехот од 26 сантиметри, префрлете го на подмачканиот плех и подигнете го на неговите краеви. Тестото малку избоцкајте го со виљушка.
Сланината пропржете ја. На тестото ставете ја сланината, краставичките и шунката. Со виљушка изматете ги јајцата со павлаката, па прелијте ја питата.
Печете на 200-220 степени Целзиусови додека не зарумени.
Ќе ви бидат потребни 15-20 минути да се испече (во зависност од јачината на шпоретот).
Послужете додека е топло. Пријатно јадење!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.