Ковачевски: Нашите политики се доследни и одговорни, просечната плата над 500 евра

Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни.

„Благодарение на правичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано. Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата“, напиша Ковачевски на социјалните медиуми.

Во коментарот, изрази благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои доследно и посветено работеа на остварување на ова ветување.

„Силно верувам дека граѓаните ќе ги препознаат и наградат овие политики на Владата предводена од СДСМ“, се вели во објавата за растот на просечната месечна нето-плата.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.