Отворено писмо до ВМРО-ДПМНЕ (ноември 2018)
Ние подолу потпишаните, загрижени за иднината на Република Македонија, за иднината на нашите семејства, за иднината на сите наши сограѓани и идните генерации, со ова писмо сакаме да ја информираме јавноста за нашите размислувања и сугестии поврзани со тековната политичка криза. Наша желба е да придонесеме во создавање на услови за крај на кризата, за општо национално помирување, обединување и интеграција, и за враќање на стабилноста и вербата во подобра иднина.
Можеби најголемиот неповратен негативен ефект на оваа криза е фактот што обичниот граѓанин речиси целосно ја изгуби надежта дека е можен подобар живот тука во Република Македонија. Нашите граѓани ја напуштаат земјата, масовно и секојдневно. Веруваме дека ставањето крај на кризата, но и начинот како тоа ќе биде изведено е клучно за враќање на довербата во државата и вербата дека е можно да се има подобра иднина тука во Република Македонија. Во таа насока и членството на РМ во НАТО и ЕУ е критично неопходно и тоа ден поскоро. Сметаме дека политичките партии и нивните раководства, и покрај огромните потешкотии, го имаат клучот за овој процес на излегување од кризата сепак да заврши со успех.
Тргнувајќи од горните претпоставки, ги упатуваме следните пораки и сугестии:
- Го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ да иницира средба на лидерите на најголемите политички партии, на која ќе биде воспоставен повторен дијалог и на која ќе се пристапи на решавање на кризата во дух на конструктивност и разумност. И покрај различните политички гледишта, ги повикуваме раководствата и на другите најголеми политички партии да ја прифатат оваа иницијатива. Промената на амбиентот на овие средби ќе придонесе за севкупно подобрување на амбиентот во целата земја.
- Во однос на актуелните случувања во ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да ја дадеме нашата поддршка на раководството на партијата и да упатиме повик партијата да се вклучи активно и конструктивно во процесите кои имаат за цел евроатланска интеграција на Република Македонија и да придонесе за внатрепартиско обединување. Наша желба е ВМРО-ДПМНЕ да остане голема и силна партија која и понатаму ќе биде еден од клучните политички фактори во земјата и силен предводник на коалицијата „За подобра Македонија“.
Веќе е сосема јасно дека се создадени предуслови во Собранието на РМ со кои е прилично извесно дека ќе дојде до промена на Уставот на РМ. Во таа насока предлагаме и ги повикуваме и раководството и сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со целосен капацитет да се вклучат во овој процес. Дел од напорите за зачувување на македонскиот идентитет ќе следат и по усвојувањето на уставните промени, и токму во нив е потребен придонесот на ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што Договорот од Преспа е далеку од идеален, сметаме дека е можно да се обезбеди квалитетно зачувување на идентитетот и заштита на македонските стратешки интереси. Заедно со еден успешен и доволно широко поставен процес на национално помирување, може да се создадат услови уставните измени да бидат изгласани со многу поширока општествена и посилна политичка поддршка со што ќе се затвори ова повеќедецениско отворено прашање со Грција. Уверени сме дека стабилноста и перспективите за Македонија, се можни само доколку се градат пријателства на стратешко ниво, и таква една шанса која што ја имаме сега не би требало да се пропушти.
Во овој момент, доколку не се направат овие чекори, постои реална опасност еден подолг период ВМРО-ДПМНЕ да остане длабоко поделена партија, изолирана дури и од некои наши традиционални пријатели и ставена на маргините на политичко дејствување. Да не ги повторуваме грешките од минатото кога и покрај патриотските заложби и човечки жртви, активностите на историското ВМРО не добивале доволно подршка од меѓународниот фактор и поради тоа завршувале со неуспех. Затоа предлагаме целосно вклучување на ВМРО-ДПМНЕ не само во дебатата во Собранието за измената на Уставот во согласност со Договорот од Преспа, туку и активно учество во собраниската група која ќе работи на помирувањето и интегрирањето, како и целосно учество во носењето на што поквалитетни реформски закони во сите сфери.
- На политичката партија СДСМ и сугерираме да покаже максимално можна флексибилност и инклузивност во процесите што се одвиваат во овој историски период. Како носители на извршната власт, во овој момент нивната одговорност е можеби и најголема.
- Ги повикуваме сите пратеници при носењето на одлуките во Собранието како единствен мотив во својата работа да ги имаат долгорочните интереси на Република Македонија. Свесни сме за тежината на ситуацијата во која се наоѓаат некои од нив, но улогата на претставник на народот никогаш не била лесна. Затоа изразуваме силно несогласување со различните форми на јавни протести и притисоци кои се вршат врз некои пратеници и нивните семејства, само затоа што се одлучија да го дадат својот глас за отварање на процесот за уставните измени и поддршка за евроатланските интеграции на Република Македонија. Таквото однесување на некои поединци и групи, независно од нивните мотиви, не придонесува за изнаоѓање на разумни решенија, дополнително ги влошува состојбите во државата и треба веднаш да запре. На овие пратеници и на нивните семејства им ја даваме нашата искрена поддршка.
- Сакаме да напоменеме дека кај експертската и општата јавност веќе подолг период е создаден впечаток дека некои делови на правосудниот систем учествуваат и во политичките процеси, пракса која веќе долгорочно е присутна и која во иднина може да биде погубна за правниот систем на земјата. Потребно е сите политички чинители како и органите на државната власт во Република Македонија, што поскоро да придонесат за надминување на ваквите состојби преку ревидирање на постоечката законска регулатива.
- Од меѓународната заедница бараме да биде силен посредник во ова национално помирување и обединување. Овој процес треба да започне со праведно решавање на статусот на сите обвинети од 27 април и со целосно ослободување на оние кои на тој ден не извршиле никакво насилство. Но кризата ниту започна ниту заврши со настаните од 27 април, и затоа помирувањето не може да биде фокусирано само кон еден настан. Вистинското помирување треба да биде многу поинклузивно и тоа долгорочно ќе значи и создавање на услови со кои Македонија во иднина ќе биде вистински, лојален и доверлив партнер и во НАТО и во ЕУ.
Воедно ги повикуваме сите пратеници и членови од сите политички партии, а особено од ВМРО-ДПМНЕ, но и сите интелектуалци и граѓани кои што се согласуваат со содржината на ова писмо, да ја поддржат оваа иницијатива. Сметаме дека неговата содржина во голема мерка е натпартиска и дека ја заслужува поддршката на секој граѓанин на РМ кој посакува подобра иднина за сите нас и нашата земја.
Објавата од ноември месец 2018-та ја пренесуваме во целост и со скриншоти во случај да се случи да биде избришана, дополнително подоле во текстот многумина ќе се изненадат од новата позиција на некогашниот „северџан“ во кабинетот на Мицкоски.
Поради ставот на Пешевски кога се менуваше името се одржа и протест пред неговиот дом. Триесетина граѓани со знамиња и патриотски песни се собраа пред зградата на ексфункционерот Владимир Пешевски каде извикуваат „предавник“. Тие прочитаа писмо кое сакаа да му го предат лично на Пешевски и да влезат во неговиот дом, но полицијата ги спречи во ваквата намера. „Македонскиот народ не поддржува насилничка промена на името. На сите ни е јасно дека сте под притисок и закани кои не ги издржавте, но имајте ги предвид националните интереси. Срамно е да повикувате пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во националното предавство. Со вакви поранешни функцинери сме пример за ненормална држава. Со кое право барате да се менува името? Народот ќе ве чува ако ви се закануваат, излезете да ја спасиме Македонија заедно“, порачаа од „Македонија блокира“ и го повикаа ексминистерот Владимир Пешевски да излезе и да го прими нивното писмо. Протестот велат дека е реакција на отвореното писмо на Пешевски во кое повика на помирување и поддршка за уставните измени. Владата ги ангажирала поранешните функционери од ерата на владеењето на Никола Груевски – Владимир Пешевски и Трајко Вељаноски како надворешни соработници на премиерот Христијан Мицкоски, пренесува поралот Фактор.мк. За поранешниот вицепремиер за економски прашања и поранешниот претседател на Собранието може да се види дека добиваат исплати под шифрата „консултантски услуги“ на платформата „Отворени финансии“. Пешевски веќе редовно добива месечни исплати од 60.000 денари, додека Вељаноски од овој месец има една исплата од 38.710 денари што не може да се заклучи дали е целосна. Во службата за односи со јавност на Владата прашавме кое подрачје ќе го покриваат Пешевски и Вељаноски како советници на премиерот, но од таму „Фактор“ не доби одговор во изминатите денови. Пешевски беше виден на отворањето на патот Страцин – Крива Паланка на почетокот на месецов, заедно со другите членови на Владата и останатите државни функционери. За Вељаноски јавноста подолго време нема ништо прочитано, но и тој исто како Пешевски е поранешен истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, за кого велат дека често наминува во партиското седиште.
Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK> може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.