КОЛКУ ПОСКАПЕА КРЕДИТИТЕ И ДЕПОЗИТИТЕ: Ланскиот октомври основната камата беше 1,25%, сега е 3,5%

Анализа на Пари за движењето на каматата на благајничките записи

Кога Светската здравствена организација ја прогласи пандемијата, на 11 март 2020 година, каматната стапка на благајнички записи беше 2 %. Оттогаш, таа прво се намалуваше, за потоа, со енергетската и ценовната криза, постепено да се зголемува до сегашните 3,5 %.

КОЛКУ ПОСКАПЕА КРЕДИТИТЕ И ДЕПОЗИТИТЕ: Ланскиот октомври основната камата беше 1,25%, сега е 3,5%

Порталот Пари го анализира движењето на основните каматни стапки во овој период и како промените влијаат на кредитирањето и штедењето.

Колку за потсетување, иако има значајно зголемување на каматните стапки, тоа сега е неспоредливо со периодот од Големата финансиска криза, кога во Македонија имавме основна каматна стапка од 9 %. Но, како што велат и економистите, сегашната криза фундаментално се разликува од тогашната.

ДВИЖЕЊЕ НА ОСНОВНАТА КАМАТА ВО ПЕРИОДОТ НА ПАНДЕМИЈА И ИНФЛАЦИЈА

Народната банка во време на пандемијата правеше простор за банките да можат да даваат поповолни кредити со оглед на намалената економска активност. Затоа, во три наврати ја намали каматната стапка, и една година по почнувањето на пандемијата основната камата се намали од 2 % на 1,25 %.

Движење во пандемиски период

ПериодОсновна камата
Март 20202,0 %
Април 20201,75 %
Мај 20201,50 %
Март 20211,25 %

Извор: НБРСМ

Енергетската криза почна во октомври 2021 година, непосредно пред грејната сезона. Но, иако се нарекуваше „енергетска криза“, во тоа време не беше проблем количината на струја, туку цената, која од 65 евра за мегават скокна на преку 200 евра на светските берзи, како резултат на наглото заживување на глобалната економија по карантините и обновените синџири на снабдување. Што се однесува до интервенциите од страна на Народната банка, тоа не беше период за чепкање на основната камата и таа остана на 1,25 проценти, сѐ до април 2022 година, кога веќе на големо се чувствуваше инфлацијата и Народната банка ја зголеми основната камата за 0,25 процентни поени. Ова беше првиот одговор на зголемените цени како резултат на воената инвазија на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари. Оттогаш се направија шест корекции.

Движење во време на инфлација

ПериодОсновна камата
Октомври 20211,25 %
Април 20221,50 %
Мај 20221,75 %
Јуни 20222,00 %
Јули 20222,50 %
Септември 20223,00 %
Октомври 20223,50 %

Извор: НБРСМ

ШТО СЕ ПОСТИГНА: КАКО СЕ ДВИЖЕА КАМАТИТЕ НА КРЕДИТИТЕ И ДЕПОЗИТИТЕ?

Народната банка има извештај заклучно со август за движењето на каматните стапки. Податоците покажуваат дека на првите две корекции од по 0,25 процентни поени банките не реагирале во однос на каматите на кредитите, но оттогаш почнува благ раст, како на каматите на постоечките, така и на новоодобрените кредити.

Во однос на каматите на вкупните депозити забележан е пад и покрај корекциите на основната камата, кои, всушност, требаше да го стимулираат растот на штедењето. Но, во август сигналот на Народна банка е апсолвиран и има раст на каматата. На новопримените депозити, пак, има раст на каматите во мај и јуни, потоа пад во јули и повторен раст во август.

Еве какви каматни стапки имало во периодот од првата нагорна корекција на основната камата во април 2022 година до крајот на август.

Каматни стапки на вкупните и на новите кредити и депозити

(Во проценти на годишно ниво)

 април 2022мај 2022јуни 2022јули 2022август 2022
Вкупни кредити4,304,284,274,334,34
Новоодобрени кредити3,983,973,994,014,04
Вкупни депозити0,680,670,670,670,69
Новопримени депозити0,650,760,970,840,92

Извор: НБРСМ

ДА ПОТСЕТИМЕ: ШТО Е КАМАТА НА БЛАГАЈНИЧКИ ЗАПИСИ?

Народната банка одржува аукции на благајничките записи. Основната функција на овој инструмент е управување со ликвидноста на банкарскиот систем преку продажба на краткорочни хартии од вредност од страна на Народната банка на примарниот пазар. Каматната стапка на благајничките записи е основна каматна стапка, којашто ја определува насоката на монетарната политика. Значи, Народната банка им нуди на банките за одредена камата да пласираат пари во благајничките записи, и кога дава поголема камата ги стимулира да вложат повеќе пари во нив, а со тоа дава и сигнал – каматите за кредитите да бидат повисоки од оваа основна камата по која банките веќе имаат можност да пласираат пари. Од друга страна, стимулот е и на страна на штедењето, се создава можност и банките да понудат повеќе пари за депозитите. Во монетарната политика, зголемувањето на основната камата се користи токму за да се дестимулира трошењето, а да се стимулира штедењето, со што би се влијаело на страната на побарувачката со цел да се влијае врз инфлацијата во надолна линија. Освен со каматната стапка, се влијае и со износот на понудата на благајничките записи од страна на Народната банка – колку е поголем износот, толку е поголема можноста да се врзат парите во благајнички записи од страна на банките, но, секако, крајниот збор го имаат банкарите, односно побарувачката на благајничките записи.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/kolku-poskapea-kreditite-i-depozitite/

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.