Колумна на Љупчо Поповски за ДВ: Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!

Loading...

Простливо и непростливо

Што ли е ова – нестрпливост, самоперцепција за сопственото значење, недозволено пречекорување на поставените граници, притисок или нешто сосема друго. Или едноставно, неговата навигација му кажува дека тој може да се јавува секаде каде што ќе помисли и „каде се нанесува неправда“, доведувајќи се во ситуација да се поставува и како истражител и како наводен трагач по вистината, наместо тоа да им го остави на надлежните органи.

Двајцата сегашни главни протагонисти на македонската политика пречекорија неколку рубикони во последно време. Откако беше пуштена аудио-снимката на Зоран Заев од 2016 година, сдсмовскиот лидер реши да ја соголи целата ситуација, да ја признае нејзината автентичност и да ги потврди шпекулациите дека него го снимал Александар Верушевски, синот на неговиот блисок соработник и поранешен разузнавач, Зоран Верушевски. И на насмеан начин да му прости. За негова жал, тоа не е работа за простување, затоа што Македонија веќе се претвори во територија на масовно тајно снимање: на ручеци, на состаноци, при доверливи разговори. Време е на тоа да му се стави крај, бидејќи може да ги обесмисли сите средби на кој било човек, а особено на политичар или функционер, ако постои страв дека сето тоа може некој да го снима додека седи со вас на масата, а потем за тоа воопшто да не одговара.

Кога вчера Христијан Мицкоски изјави: „Да, се познавам со Александар Верушевски. Тој е грижлив родител и посветен сопруг… и тој е голем патриот“, случајот со аудио-снимката на Зоран Заев добива поинаков контекст. Простувањето може да остане, но ситуацијата веќе навлегува на теренот на сериозна политичка злоупотреба, во која еден човек настојува да поткопа друг човек. Целата работа се префрла во политичкото подземје, па нема да биде изненадување доколку еден ден, во зависност од ситуацијата и понудата не се појават и аудио-снимки од слични разговори на Мицкоски. Како што се појави онаа снимка за кроењето изборна стратегија пред претседателските избори со Зоран Милески – Кичеец и целиот контекст на аферата „Рекет“ беше ставен во поинаква рамка.

Овие случаи покажуваат дека не се само во прашање изборите што следат, туку дека политиката добива нови траектории, многу пониски од идеологијата. Јавувањето на Мицкоски до човекот што е дел од истрагата за теретаната е непростливо, без оглед какво објаснување тој сака да даде и без оглед што тој мисли дека јавноста ќе ги разбере неговите намери (всушност, одгласот е спротивен – дека тој сакал да влијае врз истрагата од некаква замислена моќ), а и простувањето на Заев е несоодветно. Тој лично може да му прости, но има органи што тоа треба да го истражат, без оглед на неговиот став.

Извор: ДОЈЧЕ ВЕЛЕ

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...