„Комитите“ ги запечатија двојазичните лиценци и покрај ветото од Сиљановска!

Со вкупно 65 гласа „ЗА“ и 17 гласа „ПРОТИВ“ коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ во Собранието по вотрпат ги изгласаа двојазичните лиценци за работа во градинка, кои се дел од измените на Законот за заштита на децата, иако претседателката Сиљановска Давкова еднаш одби да го потпише законот.

За првпат во историјата на Македонија, ќе имаме двојазични лиценци и двојазично полагање за лиценци за работа во градинките низ Македонија!

Претходно, Африм Гаши наместо Законот за заштита на децата да го испрати во матичното тело Комисија за социјална политика, демографија и млади, истиот го испрати во Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика па двојазичните лиценци ги протурка Бојан Стојановски кој е претседател на собраниската комисија.

Во измените на Законот се предвидува испитот да се полага на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на РСМ.

Исто така, во членот 9 се предвидува издавање на двојазични лиценци, овојпат, за разлика од претходно, на барање на кандидатот кој го полага испитот.

Во извештајот на Комисијата која ја раководи Бојан Стојановски стои дека:

Воведно образложение по Предлогот на закон даде заменик на министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Тој истакна дека во Република Северна Македонија заштитата на децата како област е уредена со Законот за заштита на децата. Имено, од октомври 2023 година не се спроведува стручниот испит за стекнување на лиценца за работа во установите за деца, кој испит се однесува на сите заинтересирани лица кои сакаат да се вклучат во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Министерот за социјална политика
демографија и млади е надлежен за издавање на следните лиценци за работа:
лиценца за стручен работник, лиценца за стручен соработник, лиценца за воспитувач, лиценца за негувател и лиценца за директор. Последните испити се спроведени во октомври 2023 година. Просечниот број на кандидати кои полагаат во еден месец е околу 50 кандидати. Лиценцата за работа кои ја добиваат лицата кои сакаат да се вклучат во системот за згрижување и воспитание за деца од предучилишна возраст е неопходен критериум, односно задолжителен услов кој истите мораат да го исполнат, односно без важечка лиценца за работа овие лица не можат да аплицираат за вработување во детските градинки, каде во моментов имаме најголема потреба од вработување на ваков кадар на државно ниво. Од овие причини со овој Предлог на закон се дава можност во исклучителни ситуации да се предвиди начин на кој ќе продолжи континуирано да тече процесот на полагање на испити за стекнување на лиценца за работа, односно со полагање на испитот во хартиена форма. Со предложениот закон се утврдува дека лиценцата за работа се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на
Република Северна Македонија и неговото писмо, како и дека испитот за стекнување
на лиценца за работа се полага на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо. Со овој Предлог на закон се менува називот на Министерството за труд и социјална политика, името на министерот и називот на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Наведените причини ја наметнаа потребата од донесување на овој закон.
Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика со седум гласа „за“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Сиљановска претходно одби да го потпише законот.

Во образложението на претседателката се наведува дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.

– Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот – пишува во документот.

Во образложението, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.

Сиљановска-Давкова во изјава дадена на Божиќ рече дека ниту имала намера, ниту ќе употреби вето за да навреди некој јазик.

– Објаснив дека не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и уште еднаш да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување. Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации. Јас само тргнав од еден ноторен уставен и правен факт дека најпрво во самиот закон има одредба во која се вели дека меѓу останатото начинот на полагањето и начинот на издавањето на лиценците се уредува со акти на министерот. Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преосмисли – изјави тогаш Сиљановска-Давкова.

Од Владата тогаш најавија дека законот ќе биде доработен и вратен во Собранието, но при „доработката“ заборавиле да ги тргнат клучните двојазични лиценци за кои Сиљановска имаше забелешка.

Во продолжение, листа на пратеници кои го гласале законот по вторпат, иако Сиљановска даде негативно мислење за истиот и одби да го потпише.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.