Која е функцијата на витаминот Б6 и кои се придобивките од него?

Loading...

Витаминот Б6 спаѓа во групата Б витамини и е неопходен за метаболизмот, нервниот систем, имунитетот и многу други нешта.
Бидејќи овој витамин е растворлив во вода, телото не може да го складира, па важно е да се внесува секојдневно, најдобро преку храна.
Најдобрите прехранбени извори на овој Б6 се пилешко, риба, компири, наут, банани… но витаминот може да се зема и со додатоци во исхраната.
Во продолжение, пак, можете да дознаете кои се придобивките од овој витамин и која е неговата функција во нашиот организам:
Ја претвора храната во енергија


Заедно со другите витамини од групата Б, Б6 му помага на телото да ја претвори храната во енергија. Односно, витаминот Б6 помага во разградувањето на протеините во аминокиселини и метаболизирање на јаглехидратите од храната.
Добар е за срцето
Витаминот Б6, заедно со витаминот Б12 и фолната киселина, помага во намалување на нивото на хомоцистеин во крвта. Зголеменото ниво на оваа аминокиселина може да предизвика разни проблеми со кардиоваскуларниот систем.
Според истражување од 2015-та, луѓето кои имале повисоко ниво на хомоцистеин во крвта имале и недостаток од витамин Б6. Кога го зголемиле внесот на витамин Б6, заедно Б12 и фолна киселина, нивото на хомоцистеин во крвта се намалило за третина.
Подобра функција на мозокот
Според експертите, високото ниво на хомоцистеин може да го зголеми и ризикот од деменција. Покрај намалувањето на нивото на оваа аминокиселина, Б6 помага и во синтезата на важни невротрансмитери, како допамин, серотонин и мелатонин.
Ја намалува утринската мачнина


Многу истражувања покажале дека витаминот Б6 им помага на бремените жени кои имаат утринска мачнина.
Нормално, ако планирате да го користите Б6 за ова, најпрво консултирајте се со вашиот лекар.
Посилен имунитет
На телото му е потребен витаминот Б6 и за имунитетот.
Истражување од 2006-та покажало дека Б6 може да го зајакне имунитетот на пациенти во критична состојба. После 14-дневна „терапија“ со Б6, кај испитаниците се покажало подобрување на имунолошкиот систем.
Добар е за луѓе со анемија
Овој витамин е вклучен и во производството на хемоглобинот – протеин што ги снабдува клетките со кислород. Ниското ниво на хемоглобин, пак, е една од причините за анемија. Затоа, внесувањето на Б6 може да биде од помош и во оваа ситуација.
Извори на витамин Б6
Најдобриот начин да се осигурате дека внесувате доволно Б6 е да внимавате на исхраната. Односно, да консумирате повеќе продукти богати со овој витамин.
Најдобри извори на Б6 се кикиритки, пилешко, соја, овес, спанаќ, портокал, пилешко, банана, некои видови риба…
Витаминот можете да го внесувате и со помош на додатоци во исхраната, но во овој случај најдобро е прво да се консултирате со вашиот лекар. Тој ќе ви каже дали има потреба од суплементи, но и колку и како да ги земате.

loading...