Кој ќе соработува со новиот претседател?

Новиот претседател, Стево Пендаровски почна да го екипира својот кабинет. Генерален секретар на претседателската служба е досегашниот владин портпарол Миле Бошњаковски, а извори од кабинетот на Пендаровски за ТВ “Сител“ откриваат и нови сигурни имиња кои ќе му помагаат на претседателот.
Надворешен соработник за стручни, научни мислења и совети ќе биде  Александар Спасов професорот по вовед во право. Тој беше надворешен советник и на премиерот Зоран Заев, но кај Пендаровски ќе работи за надоместок. Уште еден од советниците на Пендаровски ќе биде и директорот на инсититутот “Прогрес“ – Тоше Зафиров. Тој ќе го советува претседателот за внатрешна политика. Односите со јавност на претседателот ќе ги води поранешната новинарка, Катерина Цаневска.
Се очекува наскоро да се одржи првата основачка седница на Националниот совет за безбедност со новите имиња кои ќе бидат предложени од претседателот Пендаровски.
Тој, исто така,  лично ги води разговорите со оние кои би биле дел од неговиот кабинет. Генералниот секретар од времето на Ѓорге Иванов – Борис Јосифовски сега е државен советник во кабинет на поранешниот претседател.
Претседателот Пендаровски наредната седмица ќе побара вонредна финансиска контрола од Државниот завод за ревизија, а ќе повика и вонредна инспекција од Управниот инспекторат за документите, архивата и постапките од времето на Иванов.