„КРВНА СЛИКА“ НА БАНКАРСТВОТО: Првото тримесечје со 10 милиони евра поголема добивка од лани и раст на активите кај сите банки

Првото тримесечје од годинава македонскиот банкарски сектор го завршил со добивка по оданочување од 42,7 милиони евра. Тоа е за околу 10 милиони евра повеќе во однос на ланската добивка за истиот период кога банкарскиот сектор профитирал со 32,2 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка.

Податоците покажуваат подобар успех во работењето, така што се собрани повеќе пари и од провизии и од камати. Имено, во првиот квартал 2021 година од камати се собрани 73,8 милиони евра, а во 2022 година – 76,7 милини евра. Солидна сума донеле и провизии и надоместоци: во 2021 година се реализирани 33,1 милион евра, а годинава 36,4 милиони евра.

Најважни показатели од билансот на успех на банкарскиот сектор (состојба 31.03.2022)

Добивка по оданочување42,7 милиони евра
Приходи од камати76,7 милиони евра
Расходи од камати11,6 милиони евра
Приходи од провизии и надоместоци36,4 милиони евра
Расходи од провизии и надоместоци13 милиони евра

Порталот „Пари“ направи анализа на активите на банките, какви биле непосредно по почетокот на пандемијата, односно на 31 март 2020 година, а и какви на 31.март 2022 година. Бројките покажуваат дека банките ја зголемиле вредноста на своите средства – а од анализата можете да видите која банка, поединечно, колку пораснала. Под лупа ги ставивме и кредитите, дали и тие го следат растот на активата?

КАКО РАСТЕЛЕ ГОЛЕМИТЕ БАНКИ?

Според дефиницијата на Народната банка, во големи банки влегуваат оние со актива поголема од 44,1 милијарди денари на 31.12.2021 година. Во таа група се Комерцијална, Стопанска Банка АД Скопје, НЛБ Банка, Шпаркасе Банка и Халк Банка. Вкупниот банкарски сектор пак, го сочинуваат 13 банки, меѓу кои една државна – Развојна банка на Северна Македонија.

Вкупната актива на сите банки е 10,3 милијарди евра, а на 5-те најголеми банки е 8,37 милијарди евра, што значи дека над 80 отсто од вкупната актива на банкарскиот сектор им припаѓа на петте најголеми банки.

Податоци за активата на банките

БАНКААКТИВА 31.3.2020АКТИВА 31.3.2021АКТИВА 31.3.2022
Комерцијална Банка124,4136147,5
Стопанска Банка99,9106,3114,2
НЛБ Банка89,599106,8
Шпаркасе (заедно со Охридска)164,670,774
Халк Банка59,169,472,6

(во милијарди денари)

* Во 2020 и во 2021 година Шпаркасе и Охридска работеа оделено, а во 2022 година Шпаркасе ја презеде Охридска банка.

Соодветно на растот на активите растело и кредитирањето. Првото тромесечје од оваа година, сите од големите 5 банки го завршиле со зголемена актива во однос на состојбата од 31.3.2021 година. Така на 31.03.2022 година, овие 5 банки имале вкупни кредити од 320,8 милијарди денари (цел банкарски сектор имал 398,8 милијарди бруто кредити на нефинансиски субјекти). Првиот квартал од минатата година пак, 5-те банки: Комерцијална, Стопанска, НЛБ, Шпаркасе, Охридска и Халк заедно имале бруто кредити од 288,3 милијарди денари.

На прагот на пандемијата, на 31.3.2020 година, сите 5 големи банки имале 270.4 милијарди денари бруто кредити, или за околу 50 милијарди денари помалку отколку со состојбата од крајот на првиот квартал од минатата година. Притоа, само Комерцијална банка имала пад на кредитирањето во првиот квартал од 2021 година во однос на 2020 година, но затоа годинава има значителен раст и надминување на нивото од 2020 година.

ПРОКРЕДИТ БАНКА ЧЕКОРИ КОН ГРУПАТА НА ГОЛЕМИ БАНКИ

Групата средни банки ја сочинуваат оние со актива меѓу 11 и 44,1 милијарди денари на 31.12.2021 годинаВо оваа група спаѓаат : Централна кооперативна банка, Стопанска банка – Битола, Универзална инвестициона Банка и Прокредит Банка. Инаку, по големина, како средна банка се смета и Развојната банка која е во сопственост на Владата.

Податоците од Народната банка покажуваат раст и на средните банки. Нивната актива на 31.3.2022 година „тежела“ 87 милијарди денари.

Податоци за актива на банки

БАНКААКТИВА 31.3.2020АКТИВА 31.3.2021АКТИВА 31.3.2022
Прокредит банка30,635,038,7
Универзална Инвестициона Банка22,823,425,2
Стопанска Банка АД Битола11,511,311,8
Централна кооперативна10,610,611,3

(во милијарди денари)

Нема банка и во категоријата средни банки која не ги зголемила кредитните пласмани. Така, бруто кредитите на овие 4 банки на 31.3.2022 година биле 60,9 милијарди денари,  а на 31.3.2021 година изнесувале 57 милијарди денари. Ако пак се спореди со 31.03 2020 година, единствено Универзална Инвестициона Банка во 2021 година имала намалување на кредитната активност, но веќе во 2021 година ја зголемила. Сите 4 банки заклучно со 31.3.2020 година дале бруто кредити од 53,3 милијарди денари.

КАЈ МАЛИТЕ БАНКИ РАСТЕЛЕ АКТИВИТЕ, НО ИМАЛО И ПАД НА КРЕДИТИТЕ

Сите банки што имале актива помала од 11 милијарди денари, Народна банка ги класифицира во групата мали банки. Во ова друштво се 3 банки: Силк Роуд банка, Капитал банка и ТТК банка. Еве како се развивале тие во овој турбулентен период:

Податоци за актива на банки

БАНКААКТИВА 31.3.2020АКТИВА 31.3.2021АКТИВА 31.3.2022
ТТК банка8,58,68,9
Силк Роуд Банка6,77,47,7
Капитал Банка2,72,73

(во милијарда денари)

Податоците покажуваат дека и малите банки имаат континуиран раст на нивните средства. Но, сепак растот на активата, не е следен и со раст на бруто кредитирањето кај ТТК и кај Капитал банка. Бруто кредитите на Капитал банка на 31.3.2021 година изнесувале речиси 2 милијарди денари, а на 31.3.2022 година паднале на 1,8 милијарди денари. ТТК банка пак, ланското прво тримесечје го завршила со 5,4 милијарди денари бруто кредити, а годинешново со 4,9 милијарди денари.
Силк банка има раст на кредитирањето од 5 милијарди денари лани на 31 март, на 5,3 милијарди денари годинава на истиот датум.

Вкупниот износ на кредити што го дале малите банки заклучно со првиот квартал од годинава изнесува 12 милијарди денари.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.