Куба не чека на никого за вакцини

Loading...

Додека некои земји се обидуваат да купат вакцини против ковид-19 или чекаат на донации од побогатите држави, Куба самата тргна на херкулски подвиг и најави дека две од четирите нејзини вакцини влегуваат во третата и последна фаза од испитувањата, пренесува „Си-ен-ен“.
Две од вакцините имаат назив „Соберана“ или „независност“, додека останатите две се викаат „Абдала“, според поема од кубанскиот револуционер Хосе Марти, во чест на герила-борците кои се бореле за ослободување од Шпанија. Финалните испитувања на вакцините ќе почнат месецов.
Куба успешно се справуваше со контролирање на ширењето на вирусот, но отворањето за меѓународни летови во декември минатата година доведе до зголемување на бројот на заразени.
– Главната цел на ова клиничко испитување е да ја покажеме клиничката ефикасност на нашите кандидати за вакцина. Потоа би можеле да започнеме масовна вакцинација на Куба и некои други земји во светот – изјави Дагмар Гарсија Ривера, истражувач од владиниот институт за вакцини „Финлеј“.
Куба ќе вакцинира 44.000 учесници како дел од испитувањето, а произведени се над 300.000 дози. Иран исто така започна со клинички тестирања со „Соберана“, а наскоро тоа би требало да го стори и Мексико.
Кубанските вакцини се разликуваат од останатите по тоа што можеби ќе бидат потребни до три дози, односно првата, примарната, ќе служи како основа или подлога, а останатите две за реимунизација.
Кубанските здравствени власти очекуваат да го вакцинираат целото население на Куба до крајот на годината, а останатите дози планираат да ги продадат или донираат. Тие исто така размислуваат за „годишни одмори за вакцинација“, со цел да ѝ помогнат на силно погодената туристичка индустрија во Куба да застане на нозе.
– Тоа што Куба има четири кандидати за вакцина е многу добра вест, не само за земјата, туку и за цела Јужна Америка. Истражувачите ги следат меѓународните протоколи и постојано го објавуваат нивниот напредок – вели д-р Хозе Моја, експерт за здравство од Перу за Светската здравствена организација.

loading...