ЛАНСКИОТ ПРОФИТ НА „МАКПЕТРОЛ“ Е 22,3 МИЛИОНИ ЕВРА, НА ТЕЛЕКОМ 27,9 МИЛИОНИ –Кои се другите ТОП 10 најголеми компании по добивка

Вкупната добивка на 100-те најпрофитни компании во 2021 година е 735,5 милиони евра, покажуваат податоците на платформата БизнисМрежа.мк. Нивните профити се движат од 2 милиони евра до речиси 80 милиони евра. На самиот врв се индустриски капацитети и рудник, а веднаш зад нив, по третата ранг позиција, се пласирани компании кои се неопходни во секојдневието на луѓето, како за нормално функционирање на домаќинствата, така и на компаниите, па тука е „Макпетрол“ со профит од 22,3 милиони евра, „Телеком“ со 27,9 милиони евра…

ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА

КомпанијаДобивка 2021
Џонсон Мети ДООЕЛ Скопје79,8 милиони евра
ИГМ-ТРЕЈД Илија и др. ДОО Кавадарци51,2 милиони евра
Рудник САСА ДООЕЛ Македонска Каменица35,4 милиони евра
ЕВН Македонија АД за услуги Скопје28,0 милиони евра
Македонски Телеком АД- Скопје27,9 милиони евра
Макпетрол АД – Скопје22,3 милиони евра
Алкалоид АД Скопје20,8 милиони евра
ТЕ-ТО АД-Скопје20,6 милиони евра
Цементарница УСЈЕ АД Скопје19,1 милион евра
Клиничка болница Аџибадем Систина Скопје17,4 милиони евра

КОИ СЕ НА САМИОТ ВРВ?

Со најголем профит во 2021 година е „Џонсон Мети“. Ова не е за изненадување за познавачите на команиите. Таа компанија е веќе позиционирана во државава како компанија со најголем приход и со најголема добивка. Минатата година приходот и бил над 2 милијарди евра, а добивката 78,8 милиони евра. Ова покажува дека и покрај тоа што е компанија со најголема добивка, нејзината профитабилност како удел на остварениот профит во вкупниот приход е ниска и е 3,8 проценти. Британската компанија за катализатори за возила, во Македонија е присутна од 2010 година.

Втора најголема компанија по добивка е „ИГМ трејд“ која лани направила 3 пати поголема добивка од 2020 година. „ИГМ трејд“ важи за еден од најголемите производители на челични заварени цевки и профили во Југоисточна Европа. Таа минатата година направила приход од 182,7 милиони евра и тој и донел добивка од 51,2 милиони евра, од што може да се заклучи дека оваа компанија има висока стапка на профитабилност од 28 проценти како сооднос меѓу добивката и приходот.

Рудникот за олово и цинк „Саса“ со добивка од 35,4 милиони евра се позиционирал на третото место по направен профит во државава во 2021 година. Вкупниот приход што го релизирал рудникот бил 95 милиони евра, што значи дека  тој има голема стапка на профитабилност од 37,2 проценти. Од 2017 година, Рудник Саса е во сопственост на интернационалната компанија „Централ Азија металс“

КАКВА БИЛА ПРОФИТАБИЛНОСТА НА НЕОПХОДНИТЕ?

На четвртото место по добивка е „ЕВН Македонија“. Но, таа не учествува во формирање на цената на струјата. Во формирањето на цената, како дел од австриската групација е универзалниот снабрувач со струја “ЕВН хоум“ и дистрибутерот „Електродистрибуција“ кои пак минатата година ја завршија со загуба. Притоа „ЕВН хоум“ лани беше во загуба од 703.000 евра, додека минусот на „Електродистрибуција“ е дури 39,8 милиони евра. Добивката на „ЕВН Македонија“ е 28 милиони евра. Таа лани остварила приход од 77,2 милиони евра, со што учеството на добивката во приходот бил 36,2%.

Петото место го зазема „Македонски телеком“. Компанијата остварила приход од речиси 184 милиони евра, а тоа и донело добивка од 27,9 милиони евра. Ова покажува ниво на профитабилност од 15 %. Собранието на Друштвото донесе одлука целата оваа добивка да се распредели како дивиденда.

Макпетрол“ како најголем продавач на нафтени деривати е компанија со огромно влијание врз состојбата во економијата. Компанијата лани остварила приход од 365 милиони евра, а добивката и била 22,3 милиони евра и нејзиното учество во приходот е 6%.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.