Лекарка дошла да се породи на ГАК без да пријави дека свекорот има коронавирус!

Loading...

Докторка дошла на државната Гинеколошко акушерска клиника (ГАК) во деветти месец од бременоста, без да им каже на колегите и на жените со кои лежела заедно в болничка соба, дека свекор ѝ со кого заедно живеат во исто домаќинство, е позитивен на коронавирусот, дознава „Слободен печат“ од свои извори во лекарските кулоари, кои се крајно разочарани од ваквиот однос на својата колешка.
Ноќта меѓу 6 и 7 јуни, докторката влегла како пациентка на клиниката во деветиот месец од бременоста и никому не му кажала на задолжителниот епидемиолошки прашалник при прием дека во семејството има дијагностициран позитивен случај на Ковид 19. Ја примиле и ја сместиле на одделение со други родилки. Во истата соба имало уште две жени.
Докторката била примена без никакви симптоми, а на клиниката се расчуло, сосема случајно, преку конекции на болничкиот персонал дека таа во фамилијата има позитивен случај на Ковид 19. Веднаш кога дознале, лекарите ја симнале на долниот спрат, на одделението за изолација и тогаш лекарката не сакала да се тестира. На своја одговорност потпишала дека ја напушта клиниката и отишла во приватна клиника да се породи.


Доктор Викторија Јовановска, директорка на ГАК  ја потврди информацијата.
– Станува збор за докторка која што во семејството имала позитивен на ковид свекор. Таа не кажала, била примена без симптоми. Кога некој од колегите дознал дека кај неа во семејство има позитивен на ковид-19, веднаш ја симнале на спрат во оддел за изолација. Не сакала да биде во изолација. Си заминала со изјава дека ја напушта клиниката на свој ризик и заминала во „Ремедика“. Сега ги чекаме сите епидемиолошки прашалници и досега три сестри се во изолација. Имаме 15 лица од медицинскиот персонал од претходен случај и навистина кубуриме со персонал, зашто на ваков начин го ставила во ризик целиот медицински персонал кој бил во контакт со неа. И двете жени што беа со неа во соба ги префрливме во одделение на изолација. Јас не знам зошто е толку страшно да се каже вистината при прием. Сите носеле заштитна опрема, но сепак, треба да се кажува вистината – ни рече доктор Јовановска.

loading...