Колачињата и другите слатки се незаменлив дел од зимската, празнична атмосфера, но доколку сакате да пробате друг десерт овој пат можете да се одлучите за нешто поздраво. Не грижете се бидејќи ќе биде исто толку вкусно како и вашите омилени колачи. Овој лесен и здрав рецепт можете да го послужите во секое време и да уживате во него без страв од вишокот калории. Во продолжение прочитајте го нашиот рецепт за печени круши.
Лесно, а превкусно: Рецепт за печени круши
Потребни состојки:
2 круши
4 лажици брусница
¼ чаша сецкани бадеми
2 лажици мед
прстофат цимет за секоја половина од крушата
прстофат кардамон и морско оревче (по избор)
Начин на подготовка:
1. Загрејте ја рерната на 180 степени.
2. Преполовете ги крушите и издлабете го јадрото. Ставете ги во сад за печење обложен со хартија. Ако дното на крушата е поголемо, исечете малку од долната страна за крушата да биде рамна и да не истече филот при печењето. Во секоја половина ставете брусница, бадеми, зачини, а на крајот прелијте ги крушите со мед.
3. Печете околу 25 минути и послужете ги крушите додека се топли. По желба можете да додадете топка сладолед од ванила, бадем или чоколадо. Добар апетит!