ЛОКАЛНО: Мицкоски го критикува Заев дека државата им ја дал на ДУИ, а тој Град Скопје им го даде на Алијанса на Албанците

Градоначалникот на општина Карпош и претседател на ГРОМ, Стевче Јакимовски по 8 години се одлучи да ја напушти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и да настапува сам на политичката сцена.

Според градоначалникот Јакимовски односите со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се лоши подолг период.

Претседателот на градската организација на ГРОМ во Скопје, и советник во Град Скопје, Александар Трајановски во разговор за „Локално“ изнесе интересни тврдења за Мицковски

-Начинот на работа со опструкции, инат, подметнување, навреди не е соодветен за коалициони партнери, кажа Јакимовски, обвинувајќи го Мицкоски дека насушно лаже.

Претседателот на градската организација на ГРОМ во Скопје, и советник во Град Скопје, Александар Трајановски во разговор за „Локално“ вели дека оваа разврска помеѓу двете партии била повеќе од очекувана и целосно легитимна.

-ГРОМ беше лојален коалициси партнер на ВМРО-ДПМНЕ цели 8 години, ние со членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ немаме проблем, но Мицкоски има проблем со ГРОМ и со претседателот Јакимовски. Во јавната политиката каде што ги застапувате интересите на народот нема место за лични пресметки, особено ако за тоа ја користите партијата и ги поттикнувате луѓето околу вас да ви ги водат тие лични валкани пресметки. Многу ми е жал што Христијан Мицкоски со однесувањето кон ГРОМ покажа дека нема капацитет си ги среди односите во коалицијата, која патем ја наследи, а камо ли нешто повеќе. Ако овој човек ја користи партијата за свои лични цели и пресметки, замислете да му довериме да води држава?, подвлекува Трајановски.

Тој посочува дека Извршниот Одбор на ГРОМ, внимателно ги следел случувањата, и апелирале дека нема конфронтација помеѓу членствата на партиите .

– Членството на ГРОМ е запознаено со случувањата во коалицијата и за истото е дискутирано на три последователни Центални Одбори. Членството на ГРОМ оправдано очекуваше дека после „заеднчката“ победа на локалните избори заедно ќе уживаме и во плодовите на победата, но Христијан Мицкоски не мисли така, објаснува Трајановски.

„Јавна тајна е дека разидувањето почна уште пред локалните избори“, посочува тој додавајќи дека Мицкоски не ја поднел најдобро кандидатурата на претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски за градоначалник на Општина Карпош, а „уште помалку победата“.

-Мицкоски уште пред изборите се обиде со лажни анкети да го обесхрабри претседателот на ГРОМ да се кандидира, тврдејќи дека рејтинзите не се поволни за нас, потег на Мицкоски од кој уште тогаш бевме вчудоневидени иако имавме резлутати од неколку анкети кои го покажуваа спротивното. Кога ГРОМ поддршката од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Карпош ја побара легитимно и аргументирано поткрепена со неколку анкети чии резултатии наговестуваа дека во Карпош, фаворит за победа на локалните избори е Јакимовски, Мицкоски се налути зашто ние како ГРОМ сме правеле посебни анкети.Откако анкетите не беа доволни за да го убедат Мицкоски дека Јакимовски е најповолен избор за кандидат во Карпош, следна пречка за Мицкоски беше дека Стевчо Јакимовски не бил „ново лице“, а честитиот Мицкоски ќе настапувал на локалните избори само со „нови лица“. Со тоа јасно ни даде до знаење дека победа во Карпош не е императив за нашиот поранешен коалиционен партнер, а згора на тоа Мицкоски излезе со свој кандидат во Карпош, нешто што и самото членство на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош не го поддржа, а со кандидатурата на Зафировски тие отворено ни го загрозуваа влезот во вториот круг. Рака на срце, на локалните избори членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ имаа проблем да ги послушаат насоките на Мицкоски и сепак гласаа за Јакимовски , за што сме им благодарни ,подвелкува советникот во Град Скопје.

Победата во Карпош на ГРОМ и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за Јакимовски , за Трајановски очигледно биле пораз за Мицкоски и неговите комбинаторики со СДСМ и со Заев.

-Фразата „нови лица“ Мицкоски ја користеше како инструмент и за внатрепартиски пресметки и елиминација во партијата со што многу угледни луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, како на пример еден Коце Трајановски, имаше луѓе кои буквало беа набркани, овие постапки на Мицкоски и на негови блиски луѓе само ни покажа со какви луѓе си имаме работа.Втората причина за раскин на коалицијата секако е и неисполнувањето и игнорирањето на коалицискиот договор со кој ГРОМ требаше да раководи со ЈП Паркинзи. Интересно беше кога членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ ни честитаа за јавното претпријатие, и за понудениот кадар за таа позиција, но Мицкоски сепак одлучи да го игнорира тој договор, за што и на членството на ВМРО-ДПМНЕ не му беше јасно зашто, објаснув тој.

Трајановски бара Мицкоски да го објаси фактот како партијата Алијанса на Албанците во град Скопје со еден советник добила претпријатие како Комунална Хигиена Скопје и дури 36 места во управни одбори и надзорни одбори како и вработувања, додека ГРОМ со еден советник нема ништо.

-Какви се овие двојни аршини? Го критикува Заев дека државата им ја дал на ДУИ, а тој Град Скопје им го даде на Алијанса на Албанците ,а сите коалициони партнери во градскиот совет кои исто се застапени со по еден советник и ги прави комплетно небитни и подредени. Можеби другите коалициони партнери ова можат да го толерираат, ГРОМ повеќе нема, децидно вели тој.

На прашањето дали по оваа ќе има промена во делување во Советот на Град Скопје Трајановски вели дека партијата на Јакимовски и понатаму ќе ја поддржува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и нејзината прогама.

-За жал фактите укажуваат дека методот на делување на Мицкоски е опструција и кога е во опозија во парламентот, но и кога е власт во општина Карпош и Град Скопје, тоа е лош пример и лоша практика. Не можам да најдам логика и оправданост во намерата на Мицкоски да ја натера советничата група на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош да го повлечат предложениот план за Злокуќани кој претходно беше усогласен со барањата од сите советнички групи во општина Карпош. ГРОМ никогаш не застапувал деструктивни политики, оттука не гледам причина зашто би дејствувал поинаку од досега во Советот на Град Скопје. Она што ни е зацртано во програмата со која заедно ја добивме довербата од скопјани ќе го поддржам и сето она што е од јавен интерес на граѓаните на Скопје, објаснува Трајановски.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.