Луфтханза: Не доаѓајте на аеродром, овде владее хаос

Германските аеродроми веќе подолго време се во хаос. Ситуацијата сега дополнително се влоши со еднодневен штрајк на персоналот на Луфтханза. Патниците имаат право на враќање на средствата за билетот, како и надоместок.

Луфтханза: Не доаѓајте на аеродром, овде владее хаос

Откако се загледа речиси целосно празен во раните утрински часови, аеродромот во Франкфурт почна да се полни пред пладне. Како што јави германската новинска агенција dpa, пред неколкуте шалтери се формирале долги редици. Очигледно станува збор за странски туристи кои се обидуваат да си го организираат летот на лице место.

Поради еднодневен предупредувачки штрајк на копнениот персонал на Луфтханза, кој започна оваа среда (27 јули) во 3:45 часот, авиокомпанијата ги откажа речиси сите денешни летови. Како што е соопштено, откажани се 678 летови од Франкфурт и 345 од Минхен. Ова влијае на околу 144.000 патници, од кои многумина не можеа да добијат лет за замена со оглед на тоа што сите авиони што летаа во следните денови беа веќе распродадени.

На најголемиот германски аеродром, тој во Франкфурт, оваа среда беа откажани дури 725 од 1.160 летови, бидејќи копнениот персонал на Луфтханза опслужува и патници од други авиокомпании.

Овој штрајк, кој треба да заврши во четврток во 6:00 часот, ги погодува и компаниите ќерка на Луфтханза, Свис и Аустриан Ерлајнс, а хрватската авиокомпанија Кроација ерлајнс поради штрајкот беше принудена да откаже 15 летови за Франкфурт и Минхен.

Во Јуровингс, кој не беше директно погоден од штрајкот, оценуваат дека сообраќајот на нивните линии ќе се одвива нормално, пишува ДВ.

Враќање и компензација на билетите

На патниците кои не добиле понуда за заменски лет им се препорачува во никој случај да не доаѓаат на аеродромот, со оглед на тоа што поради штрајкот нема отворени шалтери или во најдобар случај само мал број се отворени. Луфтханза препорачува оние кои треба да се префрлат на германски аеродром да го откажат летот и да бараат алтернатива на интернет.

Според најновата европска судска пракса, патниците најверојатно имаат право на враќање на средствата за билетот, како и на компензација, бидејќи Луфтханза не може да се повика на „виша сила“ кога нејзиниот персонал штрајкува.

Членот на Управниот одбор на Луфтханза, Хари Хохмајстер, за весникот „Билд“ остро го критикуваше синдикатот Верди. „Со својот штрајк синдикатот ги уништува соништата за одмор во главната сезона. Исклучително е горчливо и фрустрирачко“.

Штрајкот ги погодува аеродромите во Франкфурт, Минхен, Дизелдорф, Хамбург, Берлин, Бремен, Хановер, Штутгарт и Келн. Штрајкуваат различни групи вработени, како оние на шалтерите, техничарите или возачите на влечни возила кои ги ставаат авионите на позиција. Без нив, авионите не можат да полетаат.

Ситуацијата и во изминатите недели беше хаотична и многу летови беа откажани поради недостиг на персонал од земја.

Синдикатот се заканува со нов штрајк

Синдикатот Верди повторно ја повика Луфтханза да ја подобри својата понуда во преговорите. Верди за 20.000 членови на копнениот штаб бара покачување од 9,5 отсто или најмалку 350 дополнителни евра месечно. Луфтханза во моментов нуди 5,5 отсто. Синдикатот го смета за недоволно со оглед на тоа што инфлацијата е седум проценти.

Доколку Луфтханза не ги исполни барањата, Верди веќе го најавува следниот штрајк: копнениот персонал на аеродромот во Франкфурт би прекинал со работа од 3 до 4 август.

Инаку, за штрајк на неодредено гласаат и пилотите на Луфтханза.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.