Македонија на 6 февруари  ќе го потпише пристапниот протокол за НАТО 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг соопшти дека на 6 февруари ќе се одржи церемонијата на потпишување на пристапниот документ за членство на Македонија во Алијансата.
“На 6 февруари ќе испишеме историја: Сојузниците на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол со идната Северна Македонија заедно со МНР Димитров“, напиша Столтенберг на Твитер.
По ратификацијата на Преспанскиот Договор во Македонија, и потоа во Грција, е отстранета последната пречка за зачленувањето на земјава во Северноатлантската Алијанса, речиси единаесет години по грчката блокада на Самитот во Букурешт, во април 2008.
Церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел, во присуство на министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Дваесет и деветте амбасадори на земјите- членки ќе го потпишат протоколот, по што Македонија ќе може да учествува во сите „клучни формати” на северноатлантскиот совет.
По потпишувањето на пристапниот протокол, секоја земја членка на НАТО ќе треба да го ратификува членството на Македонија. Процедурата може да трае најмногу две години, иако се очекува да се заврши на почетокот на 2020. година или можеби и веќе кон крајот на оваа година. Според дипломатски извори во Грција, се очекува Атина да го ратификува членството на Македонија веќе на крајот на идната седмица, поточно на 8 февруари.