Досега, Обвинителството на Македонија не побарало правна помош од бугарското обвинителство или од МВР за да спроведе истрага и да утврди дали пловдивската компанија Julia Co.LTD издала TOEFL iBT сертификат за познавање англиски јазик на Бојан Христовски.
Во овој момент нема информации дека бугарската служба се обврзала да утврди дали Julia Co.LTD има или не право да врши такви прегледи и да издава правни сертификати, пишува Фактор.бг.
Јазично студио „Јулија“ во Пловдив, Бугарија не постои, покажуваат ексклузивните снимки на Инфомакс од адресата кадешто треба да биде сместено јазичното студио од кое директорот на АНБ, Бојан Христовски, наводно добил TOEFL сертификат за познавање на англискиот јазик.
Христовски, како што е наведено во неговата официјална биографија, добил сертификат за познавање на англиски јазик од јазично студио „Јулија“ во Бугарија. На прашањето зошто не набавил сертификат за познавање на јазик од Македонија, Христовски во гостување во „360 степени“ рече дека во 2022 година тоа било најбрз можен начин да се добие сертификат, бидејќи таму имале термини.
Дека во Пловдив никогаш немало овластено студио кое доделува TOEFL сертификат денеска потврдија и бугарските колеги оф ФАКТОР.БГ .
– Проверката на Интернет покажува дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште ’Julia Co.LTD’, како што тврди Христовски. Пронајдена е само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација, пишува „Фактор.бг“.
Новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, ја презел функцијата со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив, пишува бугарски „Фактор“. Во написот, како што се наведува, на посочените адреси во Пловдив нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работат онлајн.
Во телефонски разговор, лицето кое одговорило на бројот објавен во брошурата посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање на таков сертификат, пишува „Фактор.бг“.
Јазичното студио „Јулија“ веќе издало низа лажни сертификати за македонски државјани.
Инфомакс вчера објави дека две директорки на образовни институции во Македонија добиле кривична пријава за лажен сертификат издаден од истото јазично студио како и сертификатот кој го добил директорот на АНБ, Бојан Христовски.