Македонија подготвена за преговори, во фокусот на надворешната политика решавање на прашањето со Бугарија

Loading...

Северна Македонија е подготвена за почеток на преговори со Европската Унија, земјата стори се што треба за да почне отворањето на поглавјата, фокусот и натаму е евроинтеграцијата, а одложувањето на преговорите беше грешка на самата Унија.
Ова вчера го посочи шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој реферираше пред пратениците во Комисијата за надворешна политика за досегашните остварувања, посочувајќи дека процесот на одлучување во Унијата е сложен, со консензус, нешто на кое, како што рече, ние мора да се навикнеме.
-Имаме навистина голем број пријатели внатре во Унијата, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите. Тоа е обединета Европа, со Западниот Балкан целосно интегриран во Унијата и тие нѐ очекуваат да им се придружиме. И ние немаме алтернатива. Нашиот стратешки интерес останува ист – да донесеме повеќе Европа дома, а да ја однесеме Северна Македонија во ЕУ, истакна министерот за надворешни работи.


Во моментов, како што рече, фокусот е на Бугарија, а најдобра опција за надминување на спорот е интензивирање на спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација.
Османи потсети дека се формирани работни групи на двете министерства кои, како што посочи, работеа на сите отворени прашања и загрижености кои изминатиов период се таложеле кај нашиот сосед.
-Беа разменети бројни документи во форма на предлог меморандуми, нон-пејпери, предлог декларации итн., како креативна можност да се најде компромис кој ќе врати довербата во процесот без да предизвика нарушување на идентитетските атрибути на македонскиот народ, македонскиот јазик, како дел од современата актуелност на Северна Македонија. И оваа црвена линија не само што никогаш не сме ја преминале, туку под целосна одговорност ви тврдам дека за овие прашања никогаш не сме ни преговарале, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата додаде дека во овој процес ние мора да најдеме начин да се ослободиме од наметнатите наративи на некои минати сојузи во кои биле двете држави, за да ги ослободиме новите генерации кои треба да живеат во новите заеднички сојузи под капата на НАТО и ЕУ.
На почетокот на следната година се планира одржување состанок на Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за добрососедство, а предвидени се и пет дополнителни средби, чија цел е да се интензивира соработката во областа на културата и образованието, економијата, екологијата како и унапредување на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8.


– Со продолжување на имплементацијата на Договорот за пријателство, преку конкретен и предвидлив Акциски план и со именувањето на специјален претставник на Владата за Бугарија се очекува да се придонесе за дополнително динамизирање на политичките односи помеѓу двете земји и врамување на односите назад во Договорот за пријателство.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ запраша кој ќе ја сноси политичката одговорност за тоа дека не добивме ниту преговарачка рамка, ниту датум за преговори.
– Министерот Османи, премиерот Заев и министерот Никола Димитров пред целата македонска јавност не само што обзнанија дека имаме датум за почеток на преговорите со ЕУ, туку имаше и своевидни прослави на тој датум, имаше билборди, музички настани, и слично. Истиот министер денес пред нас кажува дека датум нема. Нема ниту заклучоци за жал, ниту преговарачка рамка, уште помалку датум за почеток на првата меѓувладина конференција. Моето прашање е – кој ја носи политичката одговорност за ваквиот неуспех. Сметам дека доколку ја лоцираме таквата политичка одговорност, ќе можеме полесно да се носиме со предизвикот во текот на 2021 година. Доколку одбегнуваме и наоѓаме изговори, тогаш ова обраќање нема да биде ништо поразлично од обраќањата што во изминатите четири години сме ги слушале од министрите за надворешни работи, рече Милошоски.
Османи потсети на стратешките приоритети на земјава и одговори дека најуспешната година во постигнување на нашите стратешки цели во евроатлантските интеграции којашто ќе се памети е 2020 година.
А специјалниот пратеник на Владата во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски завчера во изјава за Телма посочи дека патоказот треба да биде една од алатките за интензивирање на реализацијата на Договорот за соработка и пријателство.


-Во интензивна комуникација што ја правиме со Министерството за надворешни работи на Бугарија очекувањето од наша страна е да ги добиеме евентуалните забелешки и дополнителни предлози за акцискиот план. Значи, патоказот или патната карта, како што ја нарекуваат, треба да биде една од алатките за интензивирање на реализацијата на Договорот за соработка и пријателство. Мислам дека тоа би требало да го добиеме веќе после Нова година, што би било еден позитивен импулс дека ќе имаме нова, посериозна шанса би рекол пред парламентарните избори да видиме дали можеме да изнајдеме компромис за неколкуте отворени прашања, изјави Бучковски.
Нашиот тим, вели Бучковски, интензивно се координира, се обидуваме да бидеме проактивни, да покажеме подготвеност од наша страна и покрај разочарувањето дека нема откажување.
-Португалското претседателство е нова шанса. Пред изборите во Бугарија ќе се обидеме да ги дефинираме и убеден сум дека ќе ги дефинираме оние прашања кои се најприоритетни да ја вратиме довербата, изјави Бучковски.
Натамошната поддршка на се уште актуелниот претседавач со ЕУ, Германија, вчера ја изнесе германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој во интервју за „Дојче Веле“ истакна дека неговата земја ќе продолжи да се залага за изнаоѓање решение за бугарско-македонскиот спор и по завршувањето на германското претседателство со ЕУ на крајот на оваа година.
– Ние сме последните кои кочат кога станува збор за оваа тема. Во суштина, кога се работи за блокадата, станува збор за билатералните односи на Бугарија и Северна Македонија. Ние, како претседателство со Советот на ЕУ, вложивме многу напор во обидот да се дојде до решение. За жал, без успех, додава Мас.
Според него, земјите од Западен Балкан, аспиранти за членство во ЕУ, направија огромен напредок во последните години, а особено Северна Македонија.
– Луѓето таму својата иднина ја гледаат во ЕУ. Затоа мора да можат да се потпрат на нашите ветувања, во спротивно ќе го завртат грбот, нагласува Мас.
Спорот со Бугарија не предизвикал проблеми во соработката меѓу македонските и бугарските бизнисмени. Ова вчера го порача претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Тој потенцира дека политичките случувања со Бугарија не влијаеја врз коморското работење зашто, како што рече „во овие 30 години научивме дека треба да се бавиме со нашите надлежности за кои од политичките односи единствено се важни владеењето на правото и функционирањето на правната држава“.


-Ние немаме никакви проблеми во соработката со бугарските бизнисмени и сакаме инфраструктурно да ги поттикнеме владите на двете држави да работат на поврзување на земјите како со сите останати. На тој план ќе ги интензивираме активностите и преку коморите и на тој начин ќе придонесеме да се зголеми трговската размена, рече Азески.
Нови можни решенија за надминување на спорот се очекуваа следната година. Надеж за дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на државава во Европската Унија изрази бугарскиот премиер Бојко Борисов, на седница на неговата Влада на која беше донесена одлука дел од секое количество вакцини против Ковид-19 што стигнуваат во Бугарија, да биде наменето за земјава во форма на донација.
Истите очекувања ги изнесе и премиерот Зоран Заев на презентацијата на Инцијативата „Акција 21“. Според Заев, надминувањето на проблемот со Бугарија и изнаоѓање решение е можно во првата половина на 2021 година.
Македонската страна останува посветена на реформите и воведувањето на европските стандарди дома, токму преку Иницијативата, што ја презентираше Заев, а црвените линии за македонскиот државен врв остануваат, тоа се јазикот и идентитетот.

loading...