Маричиќ: „Право, слобода и безбедност“ е поглавје кое ја носи суштинската промена на македонското општество

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел го отвори тридневниот билатерален скрининг за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“, на кој истакна дека Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“ ја носи суштинската промена на македонското општество и ќе биде најобемна за усогласување во преговорите за членство со ЕУ.

Маричиќ: „Право, слобода и безбедност“ е поглавје кое ја носи суштинската промена на македонското општество

– Решени сме да ги спроведеме сите неопходни реформи со цел да станеме кредибилен член на европското семејство. Овој тежок државнички процес со ЕУ претставува најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Во однос на сработеното во рамки на поглавјето, Маричиќ потсети на потпишаната спогодба со Фронтекс, тековната процена на ИТ и комуникациската структура за поддршка на идентификацијата и регистрацијата на мешаните миграциски текови, изготвениот Мастер план за дефинирање спецификации за надградба на информатичко-комуникациската инфраструктура, кон идно поврзување со информациските системи на ЕУ.

Во областа на борбата против организираниот криминал, како што беше потврдено во последниот Извештај за напредокот, вицепремиерот Маричиќ посочи дека законодавната рамка е во голема мера усогласена со европските стандарди, како и дека постои широк спектар на стратешки документи, засновани на релевантните стратегии на ЕУ, како што се Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Националната стратегија за дроги, Националната стратегија за сајбер безбедност итн. Покрај тоа, посочи и на планираните активности, со кои како што рече, поопширно ќе бидат презентирани од страна на претставниците на надлежните институции.

– Во деновите пред нас ќе ја искористиме можноста да го презентираме нивото на усогласеност на нашето законодавство со европското и натамошните планови за усогласување во областите каде што долги години досега работиме на транспонирање на релевантно acquis, како и на зајакнување на нашиот административен и оперативен капацитет. Поглавјето 24 е столбот на режимот на визна либерализација што ни беше овозможен уште во 2009 година и им даде на нашите граѓани од прва рака корист од членството во ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ.

Македонскиот преговарачки тим е составен од претставниците на Работната група за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“ кои доаѓаат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Министерство за одбрана, Министерство за надворешни работи, Министерство за здравство, Јавно обвинителство, Народна банка, Управа за финансиско разузнавање и Секретаријат за европски прашања.

Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за внатрешни работи, а работната група е предводена од Координаторот на Поглавјето 24, началничката на секторот за преговори и евроинтеграција при МВР, Светлана Влаховиќ Димановска.

Државната секретарка на Серетаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили беше исто дел од македонскиот преговарачки тим, кој денеска пред претставниците на Европската комисија имаше 23 презентации на пет теми и тоа: Борба против организираниот криминал, соработка во областа на дроги, борба против тероризмот и превенцијата од радикализам, соработка во спроведувањето на законот и размена на информации и пограничен менаџмент.

Презентациите од страна на македонскиот тим за Поглавјето 24, во рамки на Кластер 1, „Фундаментални вредности“, ќе траат до 24ти ноември и ќе дадат солидна основа за подготовка на скрининг-извештајот што Европската Комисија ќе го подготви и ќе го испрати до Советот на ЕУ на понатамошна постапка, од кој ќе зависи и динамика на преговорите во ова поглавје.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.