Маричиќ-Сарацин: Македонскиот идентитет е заштитен, владините позиции се целосно содржани во францускиот предлог

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и специјалниот пратеник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин на заедничката прес-конференција, која се одржа по работниот состанок, испратија пораки за поддршка на прифаќањето на новиот француски предлог, потенцирајќи дека во него се содржани забелешките и позициите на македонската страна за зачувување на идентитетот, како и за важноста на отпочнувањето на пристапните преговори сега.

– Ние имаме два клучни интереси во целиот овој процес, едниот е да го зачуваме нашиот идентитет и јазик, и вториот да станеме членка на ЕУ, и двете се многу важни за граѓаните. За ова се грижевме бидејќи сме сметале дека е можно и да го зачуваме јазикот и идентитетот и да станеме членка на Европската Унија. Да станеме членка на ЕУ како Македонци кој говорат македонски јазик и од таа цел нема да се откажаме, рече Маричиќ.

Сарацин се повика на новата геополитичка ситуација и важноста од обидинување на Европа со државите од Западен Балкан, додавајќи дека нападот на Руската федерација врз Украина покажува колку е важно да се решаваат проблемите и колку е важно заеднички да се организираме.

– Можам да кажам, ова е момент кој носи одредена надеж во себе. Имам чувство дека вратата за да се напредува во процесот на ЕУ за Северна Македонија е сега толку широко отворена како што не беше долго време и знам дека за да се помине низ оваа врата не е толку лесно и дека тоа е одлука на вашата политика и на вашата земја, но посакувам заедно да можеме да одиме по овој пат бидејќи се наоѓаме во едно време коешто претставува пресврт, посочи Сарацин.

Вицепремиерот Маричиќ истакна дека Владата од самиот почеток покажа особен интерес за надминување на отворените прашања со Бугарија со силна посветеност и водење искрен и отворен дијалог, што беше добар сигнал за ЕУ.

– Водени исклучиво од интересот на државата и граѓаните, горд сум што изнајдовме компромисно решение со кое ги одбранивме нашите црвени линии и на достоинствен начин го направивме нашиот јазик и идентитет европски. Темата со Бугарија трае веќе 2-3 години и мислам дека ние 17 години чекајќи сме изгубиле многу време, не по наша вина, меѓутоа не би сакале сега во овие денови по наша вина да ја пропуштиме оваа прилика. И затоа интензивно разговараме со сите, додаде Маричиќ.

Сарацин е согласен дека Владата навистина интензивно преговараше и компромисот којшто сега е на маса смета дека е навистина компромиси шанса, бидејќи во него се земени предвид барањата на владата на Северна Македонија, што според него е знак дека Европа може да функционира тука.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.