Маричиќ: Со ратификација на Рамковната спогодба за ИПА III над 100 милиони евра, европски пари за проекти

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска присуствуваше на седницата на Комисијата за надворешна политика, на која едногласно се усвои Предлог законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија, за спроведување на Инструментот за претпристапна помош ИПА III, за периодот 2021- 2027 година.

Тој ја искористи приликата и се заблагодари на Европската Унија, која како што вели Маричиќ несомнено останува верен партнер и поддршка на Северна Македонија, во напорите за реформирање укажувајќи дека во пресрет на билатералните состаноци, економските критериуми за пристапувањето во Унијата стануваат дополнителни стандарди и одредници со кои граѓаните ќе го оценуваат напредокот и развојот на земјата, подобрувањето на нивниот животен стандард и зголемувањето на одржливите можности за секого.

-Вложуваме напори за максимално да ги искористиме сите расположливи европски фондови за развој и благосостојба на граѓаните, кои ќе бидат многу поголеми и повеќе достапни по пристапувањето во Европската Унија. Со тоа го забрзуваме  процесот  на реформи, кои се неопходни во процесот на напредување кон членство во Унијата, а граѓаните ќе почувствуваат конкретни придобивки од истиот, рече Маричиќ.

Националниот ИПА координатор Маричиќ во неговото образложение пред пратениците кажа дека ИПА III е нов концепт на Европската Унија во однос на поддршката на земјите од Западен Балкан, кој започна да се програмира во 2020 година и е тековна активност, потенцирајќи дека годишната програма за 2021 е одобрена, за 2022 е во фаза на оценување на зрелоста, додека програмирањето за програмата за 2023 е во тек.

-Со потпишување на оваа Спогодба се отвора патот за потпишување на Финансиските спогодби во рамките на ИПА 3 меѓу кои и Финансиската спогодба за програмата од 2021 година. Оваа финансиска спогодба треба да се потпише до крајот на оваа година, а во спротивно, ќе ја изгубиме можноста за користење на повеќе од 100 милиони евра веќе дефинирани проекти, рече вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ објасни дека проектите се финансираат по принципот на блендирање односно грант од ИПА и заеми од Меѓународните финансиски институции (како што се: Европската инивестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Светска банка, Банката на Советот на Европа, Француската развојна агенција), и дека ние како земја имаме добри резултати во користење на овие средства. Како пример вицепремиерот и национален ИПА координатор, Маричиќ, го издвои финансирањето на патот Скопје – Блаце, градењето на пречистителна станица во Скопје, изградбата на железничката секција кон Бугарија втора и трета фаза, изградбата на фотоволтаичните централи во Осломеј 1 и 2и Битола итн.

Сите пратеници, членови на Комисијата за надворешни работи, едногласно го поддржаа предлогот за ратификација на Рамковната спогодба за ИПА IIIа претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски го поздрави присуството на вицепремиерот Маричиќ, и повика и другите министри да го следат овој пример и да учествуваат во работата на собраниските комисии.  

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.