МЗ: „Ивермектин“ се издава само со рецепт, да не се пие на своја рака

Loading...

Министерството за здравство информира дека стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и COVID-19 центрите при интернистичкиот блок, изготви мислење за употребата на лекот „ивермектин“ кај пациенти со COVID-19.
Протоколот преку Лекарската комора во текот на вчерашниот ден бил испратен до матичните лекари. До крајот на неделата, Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во цела земја за да се дообјаснат протоколите, а веќе следната недела ЛК ќе организира онлајн дискусија со клиничките доктори (лекарите кои работат во болниците) за употребата на лекот.
Лекот „ивермектин“ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на ФЗО РСМ.
Согласно Решението на МАЛМЕД истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розов рецепт.
Министерството за здравство потенцира дека „ивермектин“е антипаразитски лек со широк спектар на делување и неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација.
„Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот ‘ивермектин’, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи ‘ивермектинот’“, стои во соопштението.

loading...