Министерката за надворешни работи на Словенија, Фајон на средба со Османи

Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи денес оствари средба со заменичката на претседателот на Владата и министерка за надворешни работи на Република Словенија, Тања Фајон, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Посочувајќи на овогодинешниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи, беше потенцирано искреното и стабилно пријателство меѓу двете земји. На средбата бе разменети мислења за актуелните политички состојби во двете земји, за билатералните односи и соработка со посебен акцент на економската соработка, каде се забележува тренд на континуиран раст во однос на претходните години.

Во фокусот на разговорите беше членството на Северна Македонија во Европската Унија, започнувањето на преговорите и одвивањето на скрининг процесот, како и за конкретната помош што Словенија ја обезбедува со цел спроведување на неопходните реформи.

„Почетокот на преговорите со ЕУ е историски настан не само за нас, туку и за Унијата. Поддршката на Република Словенија на овој пат е гласна и недвосмислена. Нам секако ни претстои имплементирање на преземените обврски, кои не се едноставни. Потребни ни се уставни измени, за кои како Влада целосно стоиме посветени, и ќе ги вложиме сите напори за да создадеме соодветна политичка поддршка. Секако и тука сметаме на поддршката од нашите пријатели – Словенија во прв ред и како непосреден сосед на Балканот, имајќи предвид дека европските интеграции на земјава претставуваа взаемен интерес.“ – истакна Османи.

Соговорниците изразија задоволство од соработката во рамките на сојузништвото во НАТО, изразувајќи недвосмислена осуда на Руската агресија врз Украина, заканите за ескалација на конфликтот од страна на Русија, реафирмирајќи ја притоа поддршката за Украина во секој можен поглед.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.