Мирување во бременоста: Еве неколку идеи како квалитетно да го исполните денот

Докторот ви рекол дека мора да мирувате, а вие не сте научени да бидете на едно место? Нема проблем. Можеби на почетокот ќе ви биде тешко, но ако убаво и квалитетно го исполните времето, мирувањето воопшто не мора да биде здодевно.
Без разлика дали мора строго или делумно да мирувате, ви претставуваме креативни и забавни идеи кои сигурно ќе ви ја ублажат досадата.
Читајте
Сега е вистинско време да ги прочитате сите оние книги за кои сте немале време пред бременоста. Наместете ја удобно перницата, покријте се и уживајте.

Гледајте филмови
Ако во изминатите години многу сте работеле, освен што не сте стигнале да ги прочитате книгите кои сте сакале, сигурно сте немале време да ги погледнете и најновите филмови… или можеби пак отсекогаш сте сакале да ги изгледате сите класици. Токму сега е вистинското време за тоа!
Направете маникир
Иако не може да одите до салон и да им се препуштите на вештите раце на козметичарките, сега можете сами да експериментирате и да се забавувате украсувајќи ги ноктите. Прво убаво изманикирајте ги, па потоа играјте си со бои, шари, можеби и некои апликации.


Пишувајте
Земете некоја убава ламба и пишувајте сè што ќе ви падне напамет, без разлика дали повеќе сакате проза или поезија. На крајот на краиштата, напишете им писмо на други луѓе, бидејќи, освен што ќе уживате, сигурно и нив ќе ги вратите во минатото, кога писмата беа она што денеска се chat-от и email-от. Ако повеќе сакате куцање на тастатура, можеби вистинско време е да отворите блог на кој ќе ги споделувате сите свои мисли, идеи и соништа.
Занимавајте се со уметност
Имате некое хоби кое неправедно сте го запоставиле? Сега е вистинско време да му се вратите. Занимавајте се со цртање, сликање, создавање… само вклучете го мозокот и рацете.
Направете споменар
Сигурно отсекогаш сте сакале да направите споменар, а не сте имале време за тоа. Има безброј идеи. Можете да направите споменар за бебето во кој ќе ги лепите сите спомени пред неговото раѓање или кои се однесуваат на љубовта помеѓу вас и вашиот драг. Тоа би бил споменар кој потоа со години ќе го отворате и ќе се сеќавате на убавите моменти.
Учете
Да, сега имате време да го обновите знаењето на странскиот јазик или можеби да научите некој нов. Можете да се пријавите на некој онлајн курс или пак да ја замолите бабата или мајката да ве научат да штиркате. Секоја нова вештина добро ќе ви дојде, а притоа и квалитетно ќе го искористите своето време.