Телефонската линија 070 355 526, отворена од Владата за поддршка на повредените и семејствата на настраданите во трагичниот пожар во Кочани, официјално започна со работа. Според владиниот портпарол Марија Митева, интересот е голем – веќе над 30 семејства се јавиле со предлози и конкретни барања. Митева, во интервју за ТВ Сител, потенцираше дека поддршката нема да биде еднократна, туку долгорочна и со повеќе форми.
Таа истакна дека премиерот лично се сретнал со дел од семејствата на жртвите, по нивно барање средбата да не се прави јавно, со цел да не се користи трагедијата за политички поени. Од Владата порачуваат дека нема да дозволат трагедијата да се злоупотребува за политички цели. Митева реагираше на, како што рече, неточни информации пласирани од одредени политички структури, кои тврдат дека Владата го заострува јазикот кон јавноста.