Младински активности и свечено пуштање во употреба на реновирана спортска сала во Општина Старо Нагоричане

На 7 јуни 2022 година, се реализираа активности за промоција на младинската акција и
иницијатива на учениците од основните училишта „Христијан Тодоровски Карпош“, „Христијан
Карпош“ и „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане. Активностите беа поддржани од
Општина Старо Нагоричане и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во
образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во
партнерство со Младински образовен форум.
Младинската акција е резултат на онлајн работилници и средби преку кои учениците иницираа
уредување и разубавување на паркот во непосредна близина на училиштето „Христијан
Карпош“ од с. Младо Нагоричане. На промотивниот настан учениците се вклучија во
дополнителни активности, сите заедно фарбаа голови, играа игри и ги прославуваа своите
успеси.
Исто така, се одржа промотивен настан по повод реновирањето на спортската сала за учениците
од пониските одделенија во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ од с.
Драгоманце. Со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ) дел од
училишната зграда комплетно беше реновиран и адаптиран во спортска сала со што околу 65
ученици имаат поубав простор за спортување и дружење.
За време на настанот, младите од различни етнички заедници учествуваа во многубројни
спортски активности во салата и беа дел од работилница во рамки на отворениот ден за
граѓанско образование.
Во реновирањето на спортската сала Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите
во образованието учествуваше со 1.570.091 денари и училиштето и општината со 594.723
денари. Со ова учеството на училиштето и општината во трошоците за реновирање изнесува
околу 30%.
Во партнерство со локални организации, училишта и локални заедници, УСАИД во земјава ја
унапредува социјалната инклузија, меѓуетничката хармонија и граѓанските вредности и
придонесува кон подобрување на условите во училиштата. Преку Проектот на УСАИД за
меѓуетничка интеграција на младите во образованието во соработка со Европската команда на
САД (ЕУКОМ) од 2017 година досега беше реновирано 51 училиште, а уште девет ќе се
реновираат до крајот на проектот во септември оваа година.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.